Преку законски измени до бесплатен јавен превоз за сите средношколци. Ова е барањето кое Сојузот на средношколци денеска го достави до претседателот на Собранието, но и до координаторите на сите пратенички групи (ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата; Коалицијата „МОЖЕМЕ“; ДУИ; Алијанса за Албанците), Клубот на млади пратеници и Комисијата за образование, наука и спорт.
Тие денеска се пожалија дека учениците од приватните средни училишта, како и учениците со попреченост, се дискриминирани и им дадоа на пратениците „рок“ од два месеца да ги изгласаат измените на Законот за средно образование. Во спротивно, средношколците ќе поднесат иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на сегашните одредби.
-Родителите на учениците во приватните училишта ги плаќаат истите даноци и давачки кон државата и затоа зачудува фактот што овие ученици немаат право на бесплатен превоз – изјави денеска на средбата со новинарите, средношколката Сара Тошева која учи во приватно училиште.
Според неа, не смее да се заборави дека во овие училишта учат и стипендисти чиишто примања не се толку високи колку што мисли јавноста.
Претседателот на Сојузот на средношколци, Лука Павиќевиќ рече дека од 71.000 средношколци само 2000 учат во приватни училишта што значи дека се работи за мал број ученици.
„Законот што ние го предлагаме не се однесува само на учениците од приватните училишта, туку размислуваме и за учениците кои живеат на помалку од 2,5 км од училиштата, а немаат право на бесплатенпревоз. Размислуваме за учениците од државните средни стручни училишта кои имаат феријална практика во летниот период, но и за време на зимскиот распуст, а поради сегашните законски одредби иако праксата е дел од нивното дуално образование, тие својот превоз го плаќаат. Утврдивме дека и учениците со попреченост кои се сместени во државните домови исто така немаат вакво право“, објасни средношколецот.
Активистот, Падне Ефтимов смета дека учениците со попреченост односно со посебни образовни потреби треба да ги уживаат сите права подеднакво како и сите други средношколци во нашата држава.
„Ова ќе го намали јазот меѓу средношколците и јавните услуги. Ова е важна мерка за сите млади затоа што лицата со попреченост се дискриминирани на секој начин, да не придонесуваме да бидат дискриминирани и на овој начин. Овие лица се дискриминирани на секој начин во секојдневното делување и ова особено ќе помогне за непречено движење“, додаде Ефтимов.
Од Сојузот денеска информираа дека иницијативата за бесплатен јавен превоз ја почнале во 2021-та година.
Тие нагласија дека бараат да се интервенира само во оној член од Законот за средно образование со кој се уредува правото на превоз. Средношколците потсетија дека ваква слична иницијатива поднесоа и студентите од приватните факултети, бидејќи како што велат, правото на превоз и на пристап до образование им следува на сите.
„Неуморно работевме на решавање на проблемот во текот на изминатите неколку месеци. Вложивме безброј часови изготвувајќи Предлог-закон кој ќе овозможи бесплатен јавен превоз за сите средношколци. За таа цел одржавме средби со надлежните, со градоначалничката на Град Скопје, со координаторката на мнозинската советничка група во Градот Скопје, Клубот на млади пратеници, но и со вицепремиерката за политики за добро владеење. Го дискутиравме Предлог-законот и се надеваме на успешна соработка, со цел да се осигураме дека истиот ќе биде прифатен од надлежните“, истакна потпретседателт на Сојузот, Филип Најдовски.
Средношколците нагласија дека на досегашните средби добиле забелешки, коментари, предлози и идеи кои ги вметнале во измените што ги предлагаат.
„Од оваа временска точка кога сите забелешки се интегрирани во самиот текст, однсно се фокусираме на учениците од приватните училишта, на учениците кои живеат на помалку од 2,5 км и на учениците со попреченост и тие кои посетуваат феријална практика, сметаме дека овој закон е консензуален и компромисен. Треба да биде прифатлив за сите пратенички групи“, нагласи Павиќевиќ.
Тој потсети дека Сојузот успеа да издејствува Советот на Град Скопје за претходниот летен распуст да донесе мерка за бесплатен јавен превоз за средношколците од државните училишта без разлика дали одат на пракса или не. Сепак, тоа беше само ад-хок мерка, со која учениците со попреченост и учениците од приватните училишта не можат да го користат ваквото право.
В. Ми