Во завршна фаза е подготовката на документацијата за одобрени за градба на почеток на реализација на втората фаза од големиот проект на ХС „Злетовица“, а тоа е изградба на системот за наводнување. Според зборовите на директорот Љупчо Благоевски, овој процес за обезбедување на техничката документација во Министерството за транспорт и врски, паралелно се одвива се вториот, не помалку значаен дел, а тоа е обезбедување на финансиски средства, преку кредитот на Европската инвестициона банка.
-„Злетовица“ презема активности за подготовка на документација за добивање на одобрение за градба. Остануваат одредени чекори, кои треба да ги изодиме со Министерството за транспорт и врски за да добиеме одобрение за градба.
Според проектот се очекува наводнување на 3.552 хектари земјоделски површини во општината Пробиштип.
Добри вести стигнуваат и од Словенија, од каде преку грант од словенечкиот Центар за меѓународна соработка и развој се очекува финансирање на изградбата на пробранска хидроцентрала за обезбедување на биолошки минимум. Овој проект, според Благоевски, за „Злетовица“ е од особена важност.
-Ние како „Злетовица“ имаме обврска за биолошки минимум од 300 литри во секунда максимум да испуштаме во реката. Донацијата е одобрена и сега е на разгледување кај главниот финансиер, тоа е Министерството за надворешни работи на Словенија. Сите најави ни се позитивни и очекуваме дека во текот на мај – јуни дека ќе го потпишеме договорот од Центарот за меѓународна соработка и развој, по што ќе пристапиме кон распишување на јавен повик за изведување на хидроцентралата, вели Благоевски.
Со овие два значајни проекти, „Злетовица“ го потврдува својот развој, но и значењето што го има за поширокиот регион. Во меѓувреме, приклучувањето на Штип на системот, но и подобрувањето на платата ја унапреди и финансиската состојба на претпријатието и го етаблира како значајна артерија во источниот дел на земјата.