Новиот министер за правда Кренал Лога, во телевизиско интервју кажа дека деновиве ќе потпише ново барање до унгарската влада, со кое ќе бара враќање на поранешниот премиер во егзил, Никола Груевски, кому му се суди во Македонија. Унгарија му одобри политички азил.
Министерот Лога во барањето предлага да се наведе дека имаме услови за лица од негова категорија – хашките ќелии што ги градеше токму неговата влада.
-Во моментов подготвуваме писмо со барање за негова екстрадиција за девет други кривични дела, за кои тој е обвинет и има меѓународна потерница. Во горенаведеното писмо, дадов сугестија да се напише дека Северна Македонија ги исполнува условите за категоријата личност како Груевски, бидејќи истиот тој Груевски градел ќелии во притвор и во затвори, таканаречени хашки ќелии, кои ги исполнуваат сите стандарди и верувам дека со овие докази ги исполнуваме стандардите за неговото третирање како специјален затвореник и сметам дека треба да биде екстрадиран од Унгарија“, кажа Лога.
Неговиот претходник, кој остана кратко на министерската полиција, Никола Тупанчевски, исто така, потпрен на своето правно познавање како професор на правниот факултет на УКИМ, имаше своја верзија на барање за екстрадиција на Груевски.
-Состојбата со сите судски постапки внимателно се следи, а Министерството за правда ќе постапи соодветно и ќе поднесе ново барање за екстрадиција“, соопшти Министерството за правда. (септември 2022 година).
Претходникот на Тупанчевски пак, Бојан Маричиќ во јануари 2021 година ќе изјави:
„Од екстрадицијата не се откажуваме и ќе продолжиме активно да работиме со цел враќање на Груевски дома“, вели министерот за правда Бојан Маричиќ во интервју за МИА. (04. 01. 2021 година).
Веројатно Маричиќ не стигна да испрати писмо, бидејќи од Министерството за правда имаат евидентирано едно испратено барање и едно дополнување на барањето во 2018 и 2019 година.
„Испративме допис до Основниот суд Скопје 1, Скопје да ги достави сите потребни документи за комплетирање на барањето. Во Судот се преведува на унгарски целокупната документација за предметот. Ние го спремаме барањето, и штом ќе стасаат документите од Судот, ќе го пратиме барањето за екстрадиција на Никола Груевски до Унгарија“, изјавија од Министерството за правда (ноември 2018 година).
Барањето за екстракција до Унгарија беше испратено на 20 ноември 2018 година. Министер за правда во тоа време беше Рената Дескоска од СДСМ.
Унгарија го одби барањето за екстрадиција на 05.08.2019 година. Никола Груевски избега во Унгарија во 2018 година пред да почне да ја издржува казната затвор за предметот „Тенк“.
Позитивната листа на лекови е посебна приказна. Листата не е сменета од 2012 година, додека фармацијата напредува. Лекарите препишуваат лекови од новите генерации, а пациентите си ги плаќаат од свој џеб.
Прва задача на последниот министер Беким Сали за здравство беше ревидирање на позитивната листа на лекови. Во повеќе свои изјави нагласуваше дека го отпочнал процесот.
– Комисијата треба да се состане пак, да ги разгледа забелешките на сите чинители во фармацевтската индустрија дали се прифатливи и потоа да пристапиме кон формирање друга работна група која ќе биде формирана од повеќе институции и таа да се фокусира кон внесување лекови на позитивна листа, се надевам тоа да биде во најкраток период, но се бара време, вели Сали.
Беким Сали си замина, а листата остана иста. Не се остварија ни амбициите на неговите претходници, како Венко Филипче. Тој во 2019 година ќе забележи „дека е потребно да се направи целосна ревизија на позитивната листа на лекови за што треба да се почека да биде донесен новиот закон, кој е во собраниска процедура“.
Министрите си заминуваат, а една константна остана – старата, непроменета позитивна листа на лекови, бидејќи „народот тоа го може“.