По замрзнувањето на цената на лебот, Владата излезе со нови мерки, со кои се ограничуваат цените на неколку основни продукти. За 10 отсто се намалуваат цените на урдата, кравјото бело сирење, мешаното бело сирење, кравји кашкавал, кисело млеко, павлака и јогурт без додатоци.
Како што соопшти премиерот Димитар Ковачевски, намалувањето на највисоките цени утврдени на ниво 1 март во трговијата на мало.
За 15 отсто се намалуваат цените на макароните и шпагетите, со што се очекува намалување за 8 до 9 денари на сегашните цени. Владата одлучи да ги укине царинските давачки за овие производи, со оглед на тоа дека сме целосно увозно зависни.
Примената на новите цени почнува од четврток, 16 март. Замрзнатите цени ќе важат до 31 мај.
Новите намалени цени не важат веднаш, туку од четврток, со цел да им се даде простор на сите увозници да ги сменат договорите со кооперантите но и со трговците на мало.
Министерот за економија, Крешник Бектеши упати порака, како што рече особено до компаниите кои се занимаваат со трговија или производство на млечни производи да не прават притисок до земјоделците кооперанти, затоа што анализи што се направени, утврдиле делка просторот за намалување е голем.
-Компаниите имаа 10 отсто маржа на голем и 10 отсто во малопродажба или за 20 отсто имаат простор за намалување на цените. Ние одлучивме половина од тој простор да го намалиме на 10 отсто да се намалат нивните профити, изјави Бектеши.
На прашањето зошто поскапо се плаќа македонското млеко од тоа што го увезуваме, министерот за економија откри дека нашите компании одат со максималниот профит, додека на странските компании им се отворени вратите тука, со цел да ја зголемат конкурентноста, а со тоа да се интервенира и на цените на домашните производители.
-Одредени држави имаат поголемо производство и поголемо намалување на сите давачки во утврдување на финалната цена. Ние претходната година донесовме одлука за намалување на одредени давачки, со цел да имаме конкуренција со увозни производи и така да се намали цената. Ова прашање треба да се постави и кон нашите производители, објасни Бектеши, кој ги повика домашните производители да ги следат примерите на нивните странски колеги и да се откажат од максималните профити од 20 отсто.
Бектеши најави дека следи донесување на одлуки за замрзнување на цените и на други основни производи.