Висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија Жозеп Борел, идната сабота (18.03) ќе одржи состанок на високо ниво во рамки на дијалогот Белград-Приштина во Охрид, Северна Македонија.
Како што објави Делегацијата на ЕУ во Скопје, своето учество го потврдија претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти.
Високиот претставник и специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, ќе одржи одделни средби со лидерите, по што ќе следи заедничка трилатерална средба. На средбата ќе стане збор за финализирање на Анексот за имплементација на Договорот со ЕУ за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија.
Средбата во Охрид и европскиот план се тема на дводневната средба на Лајчак со власта и опозицијата во Приштина. Денеска Лајчак се среќава со опозицијата по вчерашната средба со премиерот Албин Курти изјави дека Белград и Приштина. Специјалниот претставник изјави дека Белград и Приштина мора да договорат план за спроведување на европскиот предлог за нормализација на односите, за тој да стане правно обврзувачки.
Лајчак сепак, изјави дека не очекува во Охрид да биде потпишан договорот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија. Тој рече дека се надева оти на таа средба ќе се постигне договор за анексот за имплементација на договорот постигнат во Брисел.
„Првиот чекор беше да се договориме за предлог, а пред шест месеци немаше да се обложите дека ќе бидеме таму каде што сме сега. Вториот чекор е финализирање, а финализирањето значи да се знае како ќе се спроведе договорот. Не би било сериозно да се тврди дека имаме договор, кога не можеме да одговориме на прашањето како ќе се спроведе договорот. И третиот чекор е официјализирање, како ќе го одобриме и какво ќе биде потпишувањето, кога и каде ќе се случи. Значи, има некои идеи и ќе разговараме за нив, но како што реков тоа е третиот чекор. Не очекувам церемонија на потпишување во Охрид, бидејќи има многу партии кои го поддржуваат овој процес и сметаме дека би било во ред тие да бидат дел од овој“, рече Лајчак во интервју за АТВ.
Дијалогот Белград – Приштина се одвива под покровителство на Европската унија.