Натфрлување и до 174 отсто од планираните даноци се бележи во годишниот извештај за работењето на Општина Штип.
Само за една година Општината успеа да натплати повеќе од планираното за сите видови даноци што ги собира и општината каса ја наполни за над 3 милиони евра. Дополнително на тоа кога ќе се додаде и приходот од продажба на секој слободен простор, главно за домување и стабени згради, тогаш финансиски Општината ја завршува и повеќе од добро. Овие податоци беа изнесени пред советниците, додека опозициските излегоа со забелешка – дали само ќе ја полните касата или ќе изградите и некоја улица, додека 99 отсто од инфраструктурата ви ја работи централната власт?
Според презентираното од годишниот ивештај, собирањето на данокот на промет е зголемен и изнесува 130 отсто од планираното. Натфрлање има и за данокот на доход, реализиран со 132 отсто, како и данокот на имот реализиран со 138 отсто од планираното. Со смената на власта и доаѓањето на ВМРО ДПМНЕ на власт, општината го зголеми данокот при купопродажба на имот, со образложение дека пораснал интересот за купување на станови.
Зголемени се и неданочните приходи за 120 отсто.
Ажурирана е наплатата на даноците што ги собира општината. Како што и објави на интернет страната на Општината Штип, во текот на јуни и јули 2022 година, беа дистрибуирани решенијата за данок на имот и комунална такса (фирмарина) за 2022 година до сите правни и физички лица кои поседуваат недвижен имот и вршат дејност на територија на Општина Штип.
-Во месец јули правните субјекти и физичките лица добија и опомени за неплатен данок за 2021 година, а беше најавена и присилна наплата на ненаплатените побарувања по основ на годишниот данок на имот и фирмарина. Исто така пуштени се и опомени за неплатен данок на имот до сите физички лица и правни лица, а од наредната недела ќе започнеме со дистрибуција на решенија за присилна наплата на ненаплатени обврски за данок на имот за физички и правни лица, соопшти Општината.
Како резултат на овие активности, се наполни буџетот, што според локалната опозиција од СДСМ значи само собирање приходи, но не и расходи, односно инвестирање во капитални проекти, пред се’ инвестирање во улици, кои сега ги гради Министерството за транспорт и врски.
-Дали само ќе продавате земјиште ќе прибирате пари, а за реализација на улици и друга инфраструктура за продаденото земјиште, не размислувате? – праша Трајче Стојчевски од СДСМ.
Душко Иванов од ВМРО ДПМНЕ одговори дека го направиле тоа што не го сработиле претходните 2-3 состави на локалната власт.
-Изгубени се 4,5 милиони евра поради несобрани приходи, му реплицираше Иванов.
Златка Иванова од СДСМ направи пресметка на тоа колку влегло во општинската каса, а колку е потрошено.
-За првиот квартал приходите се 20,7 милиони денари – расходините 3,3 милиони. Во вториот квартал приход 66,7 милиони – расход 16,2 милиони. Во третиот зголемен прилив за 174 отсто, а веќе во четвртиот 165 отсто. Требало да планирате кога веќе по вторите два квартала имало поголеми приходи, забележа Иванова.
Иако општинскиот буџет е во добра кондиција, општинскиот совет донесе одлука за издавање обврзниза во износ од 4 милиони евра. Градоначалникот Иван Јорданов рече дека планираните проекти е подобро и чинат поевтино да се изградат одеднаш, отколку да се реализираат на рати со буџет од повеќе години.
В.К.