Ако цело време додека траат заканите за бомби ВМРО-ДПМНЕ комуницира со јавноста дека за тоа е виновна неспособноста на власта и некапацитетноста на МВР, а во исто време бараат подетални информации кои кога имаат шанса да ги добијат ја бојкотираат седницата, само затоа што биле класифицирани како државна тајна, тогаш оваа недоследност, претставена како протест поради ускратена јавност, може да се оцени како спин
Пишува: Теофил Блажевски
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, гостувајќи во дебатна емисија изрече тврдење поврзано со бојкотот на Комисијата за одбрана и безбедност во кое се препознава спин:
Спин: Не сакавме да даваме легитимност на Комисија за одбрана и безбедност која однапред беше договорено да биде затворена, а беше свикана на барање на најголем број на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Освен актуелните случувања со дојавите за бомби во училишта, нас не интересираше и што се случува со партизацијата во МВР, што се случува со издадените пасоши на белосветвски криминалци. Ние сметавме дека не треба да биде затворена седница, бидејќи јавноста има право да знае и треба да се разговара за темите, рече Стојаноска
[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/веб; Датум – 27.12.2022]
Контраспин: Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска, пратеникот од ГРОМ Љупчо Пренџов, но претходно и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, во јавноста комуницираат со образложение за тоа зошто ја бојкотирале собраниската Комисија за одбрана и безбедност на тема на која сами инсистирале, кое во најмала рака може да се оцени како недоследно, а може и како извртување на вистината, т.е. спин.
Станува збор за седница на која по барање на споменатата пратеничка група, МВР претставено од Оливер Спасовски, реферираше за преземените активности од истрагата што се спроведува под капата на МВР за дојавувачите на заканите за бомби, нешто што повеќе од два месеца е секојдневие, исклучиво во работните денови.
Во првото образложение што веднаш по бојкотот во понеделникот на 25.12.2022 година го соопшти пратеникот Бране Петрушевски се наведува дека токму тоа што Спасовски ги класифицирал материјалите со степен на државна тајна зборувало дека главата на организираниот криминал била во МВР:
Денеска се докажа дека главата на организираниот висок криминал е во високите структури во МВР. Сметавме дека седницата може да се подели во два дела, односно во првиот дел да разговараме за отворени работи, кои не треба да бидат класифицирани. Побаравме да разговараме како е можно МВР да нема капацитет да открие лажни дојави за бомби. Побаравме тоа да биде тема за расправа, а во вториот дел да расправаме за сите информации кои министерот смета дека се класифицирани, но нашиот предлог не беше прифатен.
Бегаат од одговорност и од јавноста. Информацијата што ја доставил министерот е класифицирана. Очекуваме да знаеме дека државата презела нешто, но ова што тие го бараат седницата да биде затворена, може да не наведе да мислиме дека не е преземено ништо. Се класифицира нешто што не мора да се класифицира.
Од самото образложение – прво да разговараме јавно за некапацитетноста на МВР да открие лажни дојави за бомби, па потоа за информациите што се класифицирани – се гледа апсурдноста на аргументот, зашто целата тема е една и единствена. И за капацитетите и за преземените активности.
И во неговото образложение и во образложението на Стојаноска и во она на Пренџов, се наведува дека ускратената јавност е примарна причина за бојкотот. Но, ако се земе предвид дека барањето информации на самата Комисија е по иницијатива од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на која се приклучиле и од СДСМ, ако се земе предвид дека органите на државната управа имаат право по закон да определат степен на тајност на некоја информација и ако се има предвид дека станува збор за сензитивна материја од детали од самата истрага – преземени активности, кои би можеле да претставуваат информација и за дојавувачите, логиката вели дека оправдувањето за бојкотот се недоследност и спин.
Причината за ваквата недоследност и спин може да биде во насока на анулирање на една матрица или шаблон во информирањето на јавноста од страна на ВМРО-ДПМНЕ цело време откако се појавија заканите – неспособност на МВР, неспособност на Спасовски, неспособност на власта предводена од Димитар Ковачевски, итн. Иако на прв поглед може да се чини како логична реторика на една партија во опозиција – секојдневна критика до политичкиот противник – во ера на дезинформации и половичните информации помагаат во крајната цел на анонимните дојави, страв и паника кај граѓаните и блокада на функционирањето во општеството. Само мала хронологија на настаните од средината на месецов досега, може да покажат аргументи за поставената теза.
Хибридна војна – ВМРО-ДПМНЕ вели, можеби е, ама…
Премиерот Димитар Ковачевски за првпат потврди дека станува збор за хибридна војна на 13.12.2022, додавајќи дека „скоро апсолутно е невозможно да се детектира од каде доаѓа дојавата“. Истиот ден, еден од аналитичарите кои се занимаваат со безбедносни прашања го вперија прстот кон Русија (Исмет Рамадани во истиот текст), а друг аналитичар и професор по безбедност, кој смета дека не може да исклучи таквото тврдење, смета дека „одредени политички субјекти, дали е тоа од Македонија или од соседните држави користат вакви современи методи на хибридни средства за дестабилизација за постигнување на политички цели“(Стефан Буџаковски, исто во текстот на РСЕ).
Ден претходно на 12 и истиот ден на 13.12.2022 г., ВМРО-ДПМНЕ продолжи со наративот дека власта е неспособна да го обезбеди мирот и безбедноста на граѓаните. Истиот ден,13 декември, по вторпат повторно зборуваат од оваа партија за „хаос и паника“ и дека за тоа е виновен Спасовски, кој мора веднаш да поднесе оставка.
На 16 декември го повторуваат наративот за неспособноста на власта за бомбите, но сега со акцент дека доцна се координираат и бараат помош, а на 17 декември исто, но првпат со признание и од ВМРО-ДПМНЕ дека заканите со бомби „можеби се хибриден напад“. Таквата реторика од оваа партија продолжи и на 20 декември, ден откако Владата соопшти дека по одржаниот состанок на Советот за координација на безбедносните служби е формиран оперативен тим за справување со хибридните закани. И на истиот ден кога пристигна информација дека најнова држава цел на обновени анонимни дојави за бомби во регионот на Балканот, повторно стана и Босна и Херцеговина.
Молк за објаснувањата на експертите
Она што е одлика на ваквите наративи од опозициската политичка партија е што ниту еднаш, во ниту едно нивно соопштение или реакција, не се осврнуваат на постојаните тврдења на експертите – информатичари, дека ваквите закани се навистина многу тешки за разоткривање поради природата на функционирањето на интернетот, провајдерите на услуги како што се големите меил системи и поради политиките за приватност што ги имаат воспоставено и тие и приватните виртуелни мрежи ВПН/VPN системи. Ова многу пластично го опиша професорот по информатика и претседател на ИКТ комората професор д-р Орце Симов, гостувајќи во дебатна емисија на 24 ТВ на 15.12.2022 г. (околу 13-та минута во видеото). Нема ниту една информација ниту за тврдењата на експерти професори по безбедност како што е професор д-р Методи Хаџи Јанев кој во авторски текст детално појаснува зошто генерално, но и кај нас е тешко властите да се справат со анонимните напаѓачи во дигиталното војување. Од партијата никогаш не искомуницирале со јавноста дека имаат предвиид дека заканите се регионални и пошироки, за што сведочат вестите и анализите дека ова е појава што ја има на целиот Балканот со кои се опфатени Србија, Црна Гора, Косово, Хрватска и како што веќе е напишано погоре и БиХ.
Поради ваквото неспоменување на овој елемент од феноменот со заканите, тенеденција која продолжува во реакциите на ВМРО-ДПМНЕ, може да се оцени дека опозициската партија комуницира со граѓаните со половични информации (неспособност на власта и на МВР), кои создаваат простор за ширење на дезинформациите.
Поради погоре посочените аргументи може да се оцени дека изјавата на Стојаноска (но и на Пренџов и на Петрушевски) за причините за бојкотот на собраниската комисија се спин. Ако цело време додека траат заканите за бомби ВМРО-ДПМНЕ комуницира со јавноста дека за тоа е виновна неспособноста на власта и некапацитетноста на МВР, а во исто време бараат подетални информации кои кога им ги нудат ја бојкотираат седницата само затоа што биле класифицирани како државна тајна, тогаш оваа недоследност, претставена како протест поради ускратена јавност, може да се оцени како спин.
Погоре изнесеното мислење воопшто не е амнестија за сите системски доцнења што властите во оваа држава, вклучувајќи ја и последната, ги имаат направено по однос на материјата генерално – дигитална безбедност, но и на спроведување на Националната стратегија за сајбер безбедност донесена уште во 2018 година.
Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.