„Сите сме виновни и треба храбро да признаеме, од влади до администрациии. Повторно јавно се извинувам во името на сите кои владееле во последните години, но и од мое име лично. Ја преземам одговорноста“. Со овие зборови грчкиот премиер Киријакос Мицотакис пред својот кабинет министри зборуваше за железничката несреќа во Темпи, во која загина 57 луѓе.
Мицотакис повторно се извини во името на сите кои владеат во последните години, но и од негово име лично.
-Ја преземам одговорноста. Не можеме да се криеме зад серија човечки грешки. Доколку проектот за далечинско управување беше завршен, оваа несреќа немаше да се случи и технологијата ќе ни овозможи да го спречиме незамисливото. Не е оправдување дека проектот ќе биде завршен за неколку месеци. Не успеавме да го инсталираме пред да се случи најлошото. Последното нешто што ми е важно е конфронтација за тоа кој е виновен. Сите сме виновни и храбро да признаеме, од влади до администрации, рече Мицотакис.
Тој најави брзо расветлување на случајот и повик на одговорност до највисоко ниво.
-Можам да гарантирам две работи: 1) Целосна транспарентност во истрагата за грешките да се идентификуваат и да се судат правично, 2) Директни иницијативи за подобрување на проблематичната состојба во железницата на ниво на технологија и персонал. Ги слушав дијалозите од ноќта на трагедијата и почувствував гнев и срам, кажа грчкиот премиер.
Мицотакис најави рамка на интервенции за поддршка на роднините на жртвите од трагедијата, на финансиски и морален план. Тој најави и редица мерки за подобрување на сигурноста во железницата.
Пругата кај Темпи, каде се случи трагичната несреќа, повторно ќе почне со работа, најверојатно кон крајот на март. Но, додека не се стават во функција системите за сигнализација и далечинско управување, возовите повремено ќе возат, исто како што ќе има помалку станици на кои ќе застануваат возовите, кои ќе сообраќаат строго со двајца станичари во сите смени.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис претходно одржа средба со претставници на Европската комисија надлежни за железничкиот сообраќај.
Како што објави грчката новинска агенција АНА-МПА членовите на европската делегација на Мицотакис му ги претставиле нивните размислувања, кои ќе бидат формулирани во конкретни предлози за подобрување на работата на железничката мрежа, за безбедноста на транспортот, надградба на инфраструктурата и најдобро можно искористување на европските фондови за инвестиции во грчките железници.