„Се бориме за леб, но се бориме и за ружи“ – ваков мурал денеска, на Меѓународниот ден на жената, беше претставен во Штип.
Од градот на текстилните работнички, токму оние од кои започна борбата за работнички и женски права во минатото, денеска беше упатена порака дека условите на терен во оваа индустрија се уште се на незадоволително ниво.
Иако муралот им е посветен ним, на настанот за откривање шивачките не присуствуваа затоа што беше во нивното работно време. Наместо нив, присуствуваа мноштво жени од локалната самоуправа.
Претседателката на Здружението за заштита на работничките права „Гласен текстилец“, по чија иницијатива беше нацртан муралот, со поддршка од Општина Штип, истакна дека жените во 21 век не се еднакви, ниту пак ги имаат правата кои законски им се овозможени.
За ова сведочат многу случаи во минатото, но и сега. Се уште имаме жени работнички во приватниот сектор за кои кога ќе дознае работодавачот дека се бремени не им се продолжува договорот или се отпуштани. Последен е случајот во Кавадарци каде на 69 жени иако им се должат три плати и придонеси, судот одлучил дека не се во право и треба да платат судски трошоци во висина од 20 илјади евра
рече Кристина Ампева.
Штипскиот градоначалник Иван Јорданов на жените им посака поголема рамноправност и вклученост во општественото живеење. Вели Штип е град во кој жените се вклучени и оставаат белег во развојот на градот.
Не само на овој ден, туку секој ден треба да говориме за правата на жените и нивната вклученост. Штип е текстилен град, индустрија во која најмногу се вклучени жените и најмногу се засегнати со почитувањето на нивните права
рече Јорданов.