Со кравата во милитари (армиски) принт во сино – сива боја денеска на прес конференција во Владата се појави вицепремиерот Артан Груби, што ја предизвика реакцијата на еден од присутните новинари.
-Нели е време ДУИ да премине со граѓанска програма, граѓански концепт, а не националистички, да кажам милитантен…бидејќи таква е краватата, праша и констатира новинарот.
На ова настана општа смеа во салата, на што Груби одговори:
-Значи не е само краватата, туку и чорапите се. Така да…се работи за стил, одговори вицепремиерот и во исто време почна да ја симнува краватата. Во салата, во која во прв ред седеа и премиерот и министри, Груби ја крена ногата и ги покажа чорапите.
-Ако така се интерпретира, јас ќе си ја симнам краватата и нема да ја ставам веќе никогаш и ќе ви ја подарам на вас, заврши Груби и замина.
Појавувањето на Груби на пресот по повеќедневно споменување на неговото име и наводно поврзаните случаи со него, што ги објавува опозициската ВМРО ДПМНЕ, беше повод да бројни прашања од новинарите. Во еден момент настапи тензична атмосфера, кога еден од новинарите го употреби зборот „забегани“. Груби одби да одговори.