Средношколци, идни фармацевти, изработија спрејови за кожа и ќе ги подарат на жени вработени во училиштето и на сограѓанки. Се работи за ученици од I-6 клас, фармацевтски техничари, од Средното кавадаречко училиште „Ѓорче Петров”.
– По повод празникот на жената 8 Март, тие заедно со својот професор – ментор Блаже Ѓорчев, изработија нов производ од фармацевтската лабораторија на училиштето. Овојпат се работи за производ, маслен спреј од еукалиптус и портокал за нежна и сјајна кожа, што ќе им биде подарен на сите професорки и жени вработени како помошен персонал. Останатите количини ќе бидат подарени на преставнички од женскиот пол во градот, информираа денеска од училиштето.
Оттаму појаснија дека еукалиптусот спаѓа во групата егзотични растенија и се користи за изработка на етерични масла, а спрејот е одличен за масирање, ги опушта мускулите и ја негува чувствителната кожа.
– Ова беше уште еден предизвик за нашите учници, што успешно го реализираа. Очекуваме уште многу, многу изненадувања во иднина, нагласија од училиштето, чие мото е, „денес ученик, утре стручњак”.
МИА