Почирувајте ги и сакајте ги вашите дами секој ден како денес!
Ова е пораката од жените за сите мажи, кои само на „8-ми Март“ ја величат жената, а веќе следниот забораваат на нејзината вредност.
Жената, која важи за столб на домот, одамна веќе не е само домаќинка, бидејќи учествува во сите сегменти од животот, во домот, со децата, а придонесува во семејниот буџет, понекогаш многу повеќе од мажот.
Токму затоа не треба да се заборави улогата на жената и не треба да се почитува само денес, туку секој ден.
Но, без оглед на тоа, денешниот ден е исполнет со подароци за жените, особено цвеќе.
ММС токму на овој ден ви донесува една женска приказна, приказна за девојка, која продавајќи цвеќе ги усреќува жените и придонесува за семејниот буџет.
Скопјанката Тамара (29) не е мажена, но живее заедно со момчето повеќе години и заедно се грижат за нивната иднина.
Животот на Тамара е слика за иднината на младите во Македонија, односно начинот на кој се снаоѓаат за да го чекорат патот. Тамара од семејни причини се уште не го завршила факултетот, па по неколку неуспешни обиди да најде работа во Македонија, решаваат со дечкото среќата да си ја побараат во Хрватска.
-Студирав,но поради семејни причини не дипломирав, имам уште неколку испити. Работев во фирма во Скопје, но со таа плата не може да се опстане. Со дечко ми сакавме да почнеме да живееме заедно и живееме, но со таа плата навистина е тешко е да се живее и да се плаќа кирија. Среќата ја побаравме во Хрватска, сезонска работа во угостителство. Сега размислуваме да почнеме нешто наше, но за нас без факултет во државава е многу тешко. Како што стојат работите искрено и да го завршев не знам што ќе правев. Затоа сезонски секоја година одиме во Хрватска, ќе одиме и оваа сезона и се надеваме дека кога ќе се вратиме, сепак, нешто ќе се смени на поубаво. Нашата желба е да собереме некој денар за да почнеме нешто свое, вели Тамара.
Таа и дечко и се уште не одлучиле каков бизнис можат да почнат во државава. Вели имаат идеја за неколку работи, можно е и цвеќара, бидејќи неколку години деновите околу празникот на жената и двајцата продаваат цвеќе.
– Дечко ми многу го сака цвеќето, а искрено јас го засакав покрај него. Почнавме со мали кактуси. Првата тезга ни беше со 18 цветчиња, а ние продадовме 10 и бевме пресреќни. Затоа решивме секој „8-ми Март“ за нас да биде еден ритуал, да продаваме цвеќе. Јас сум на една тезга, а дечко ми на друга. Да го пополниме семејниот буџет. Кога ќе се вратиме од Хрватска задолжително сакаме да се одмориме, бидејќи се знае како изгледа сезонска работа. Секој ден си на работи и физички и психички си истрошен. Кога ќе дојдеме одиме во село да се одмориме, па си ги средуваме цвеќенцатаза да ги усреќиме дамите на овој ден, вели таа.
За разлика од многу развиени држави, нашата држава не се грижи на младите да им го олесни патот кон иднината. Токму тоа разочарување ги тера да ја напуштат државата и да си ја побараат среќата некаде надвор.
-Што да кажам за државата? Најдобро е сам за себе да се грижиш, да не чекаш од државата. Разочарувањето кај младите не е во еден сгмент. Еве на пример да го споменам мојот факултет. Некој се мачи, учи и пак паѓа на испит, а некој друг само се појавува и полага само затоа што било нечие дете. И не е само тоа, проблем е за младите за да почнат заеднички живот во свој стан. Ако се вработиш некаде во фабрика ќе треба да бидеш роб за 20.000 денари. Пробав во една позната фабрика, работев само еден ден, беше многу страшно. Тажна е таа приказна за луѓето кои стануваат уште во ноќ, доаѓаат и како робови се за никаква плата. А условите се никакви. Тешко е иако знам дека никој не кажал дека ќе биде лесно. Јас сум среќна што сум жива и здрава, што можам сама да мислам за себе, а што се однесува до државата и младите, мислам дека младите се веќе откажани од моментот дека државата се грижи за нив. Затоа и не знам како би ми се нашла, ниту, пак, чекам да ми се најде, додава таа.
Тамара се сложува со фактот дека за разлика од некогаш жената денес е во подобра состојба, но дека и во 21 век се уште е далку од тоа што треба да биде. Односно ја нема таа почит, каква што треба да ја има.
-Жената? Николку не е испочитувана. Од нашите баби и мајки имам слушано страшни муабети. Еве баба ми, кога ќе дојделе гости требало да стои и ги служи другите додека тие јадат. Таа последна ќе седнела да јаде. А зошто? Затоа што е жена! Искрено сметам дека е трагична положбата на жената. Нема многу напредок. Факт е дека жената денес не стои простум како баба ми, но далеку е од статус каков што треба да го има и каков што заслужува. Жената денес пред да седне на маса треба да направи 300 работи само затоа што е жена за да може да седне. Или ако седне прва ќе чувствува грижа на совест, вели таа и додава:
-Јас и дечко ми заега си ги делиме работите, меѓу нас нема машки или женски работи, немаме предрасуди. Заедно сме пет години и досега е ок. Заедно готвиме или чистиме, или се договараме. Мислам дека нашите генерации не, но за новите генерации кои доаѓаат жените ќе живеат поинаки. Тие машко-женски односи или статусот на жената сосема ќе биде сменет. Новите генерации, за разлика од нас, мислам дека се паметни, односно препаметни во однос на ние што сме биле и тоа многу ме радува. Навистина младите денес се многу паметни и јас ги поддржувам, само нека тераат така. Сакам на сите млади да им порачам да си тераат така како што тераат и нека не сменат сите нас. Со тоа што тие се поинакви мислам дека и ние повозрасните ќе се смениме, а ќе се смени и опшеството. А жените нека се опуштат и нека не се чувствуваат виновни за ништо. Нека наоѓаат време за себе, за уживање и за се’ друго. Нека размислуваат многу. Жената веќе не е само домаќинка, ни рече Тамара, која сака иднината да ја гради тука, а не некаде во странство.
-Искрено сакам мојата иднина да биде тука, бидејќи сум се родила во Македонија и ја сакам. Ама некогаш ти доаѓа такво едно тешко и гнасно чувство, се чувствуваш дека не си свој во своја држава. А тоа боли, навистина чувствуваш болка. И ти доаѓа да отидеш да си заминеш. Јас се’ уште не знам дали ние ќе останеме тука или ќе заминеме, но сакам конечно да се сменат нештата. И за жената и воопшто за сите млади, да бидеме среќни и свои на своето, ни рече таа.
(В.М.)