Во Собранието денеска за првпат ќе се одржи седница за напредокот во родовите прашања во земјава. Седницата воедно ќе значи и одбележување на 20-годишнината од основањето на Клубот на пратенички, кој е и иницијатор на одржување на една ваква седница, која треба да резултира со консензуални заклучоци.
Информацијата за напредокот во родовите прашања ќе ја презентира министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, а збор ќе земат и неколку актуелни пратенички. На крајот од пленарната седница планирано е е да бидат донесени неколку заклучоци.
Најавувајќи ја оваа седница претседателката на Клубот на пратенички Лолита Ристова во изјава за новинската агенција МИА истакнува дека како неформално тело Клубот направил многу во поместување на родовите прашања и унапредување на положбата на жената во изминативе 20 години.
-Ако го поставиме прашањето дали сме постигнале многу или малку секогаш може да има повеќе во делот на унапредувањето на родовата еднаквост и тоа е факт, иако истражувањата покажале дека во изминатите 20 години навистина имаме поместување и постигнување на значајни резултати. Но, сепак констатираме дека не е доволно она што е направено и мораме да тежнееме уште повеќе и кон посолидни решенија и во правец на унапредување на родовата еднаквост, вели Ристова.
Пратеничката, која доаѓа од редовите на СДСМ, вели дека одржувањето на првата пленарна седница за унапредување на родовата еднаквост е во рамки на Планот за родово сензитивно собрание.
Благица Ласовска е пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ и дел од Собранието во неколку мандати. Се потсетува дека Клубот на пратенички требало да помогне за зголемување на бројот на жените во Собранието и на локално ниво. Вели процесите не биле лесни, а има уште предизвици бидејќи се уште е мал бројот на градоначалнички.
– Така е, точно, скоро осум години сум член на Клубот на пратенички. Клубот на пратенички е формиран 2003 година. Формиран е со цел жените да добијат повеќе пратенички и советнички на локално ниво и во Собранието. Тие процеси не беа лесни. Се сеќавам и на самото формирање на македонско-женското лоби итн. Не беа лесни да се сензибилизира македонското општество кое што ние како општество сме и мултиетничко. Таквите процеси чекор по чекор дојдоа прво 30 проценти квоти, па 40 проценти квоти, вели Ласовска во изјава за МИА.
Нејзиното мото, како што посочува, е „Колку повеќе жени, толку поголема демократија“.
-Дали сум задоволна? Знаете како, никогаш не е доволно. Секогаш има потреба од повеќе бидејќи моето мото е колку повеќе жени толку поголема демократија, и секако дека имаме уште многу работа и во делот на извршната власт и во делот на локалната власт. Вие и самите гледате дека многу малку градоначалнички имаме, да ги поттикнеме жените да се занимаваат со политика. Тоа е еден од поголемите проблеми којшто е пак поврзан со други проблеми што постојат – говор на омраза врз политичари/политичарки итн. Сѐ е тоа еден комплет на којшто ние како жени треба и мора да работиме и тоа се предизвици што следат во иднина, а оваа година славиме 20 години од постоењето на Клубот на пратенички, потенцира пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ.
Според неа, Клубот на пратенички е неформално тело што треба да биде задржано затоа што овие препирки коишто се внатрепартиски, општествени, ги нема во Клубот на пратенички. Според пратеничката Арта Биљали Зендели од ДУИ пак, во текот на изминатите 20 години е работено и постигнати се одредени резултати, но не може да се каже дека тоа е доволно.
-Не можам да кажам дека е доволно бидејќи има уште да се работи, до потполна родова еднаквост и рамноправност. Големо значење во застапувањето, уште не доволно, одигра воведувањето на квотите кои се покажаа како ефективен механизам за сузбивање на бариерите. Ние уште говориме за квоти, а тоа е показател дека уште не сме постигнале „природна“ рамноправност или рамноправност на која ќе се одразува единствено квалитетот и заслугата, истакнува во изјава за МИА Биљали Зендели.
Има напредок во родовите прашања, но има уште многу на што да се работи
Цветанка Иванова, генерална секретарка и поранешна пратеничка, една од жените кои многу придонеле за улогата и развојот на Клубот на пратенички, вели дека во изминатите 20 години по однос на статусот и положбата на жената во нашето општество е направен голем исчекор. Можам да констатирам дека сум задоволна, вели таа во изјава за МИА потенцирајќи дека има голем напредок, но дека се уште има многу на што да се работи.
-Во изминатиот период заедно со сите жени не само во Парламентот и надвор од него сме направиле многу нешта, многу унапредувања…Како на пример, ќе спомнам неколку: политичкото учество на жената на централно и на локално ниво е на значајно ниво, жените веќе се на позиции каде што се донесуваат одлуки и каде што се креираат политики, понатаму работевме доста на полето на дискриминација на жената и постигнавме доста напредок, но се уште не сме задоволни на тоа поле. Ја ратификувавме Истанбулската конвенција која што е основа, како правна рамка и механизам за справување со семејното насилство и сите форми на вознемирување на жената, посочува Иванова.
Претседателката на Клубот на пратенички Ристова вели дека Клубот е мост што обединува, но истовремено и се труди да помогне. Клубот на пратенички во следниот период исто така ќе работи и да им помогне на здруженијата и жените кои доставиле барања до нив за интервенции во одредени закони со цел стекнување на одредени права.
На седницата ќе се побара да се донесе закон со којшто ќе се казнува говорот на омраза
Лолита Ристова, претседателка на Клубот на пратенички во Собранието зборувајќи за денешната собраниска седница посветена на дваесетгодишнината од основањето на Клубот, потенцира дека еден од заклучоците ќе се однесува токму на говорот на омраза.
– Тоа е нешто кое што нѐ убива сите посебно жените, тоа е нешто кое што е многу насочено, многу токсично во еден период, кога социјалните медиуми земаат се поголем наплив и замав. Во овој дел мора да се воспостави законска регулација на интернет просторот и тоа ќе биде една од нашите следни заложби кон коишто ние како пратенички ќе разговараме со новинарските здруженија, со сите оние коишто работат на пласирање на информации во јавноста, но и оние коишто прават на некој начин злоупотреба на овие медиуми за да пласираат негативни информации во јавноста. Мора да се санкционира тој дел и мора да се најде решение затоа што тоа е присутно. Присутно е, морам да кажам, и во рамките на Собранието – најави Ристова.
Според неа, Собранието мора да биде многу повеќе родово сензитивно, сензибилизирано, а говорот на омраза да биде заборавена работа без оглед на тоа колку и да се големи политичките аспирации и претензии за постигнување на одредени работи.
-Сепак, мора да постојат некои работи коишто се натпартиски, коишто допираат до етиката, до моралот и до интегритетот на личноста. Тука има можности за подобрување и во делот на етичкиот кодекс, и во делот на Деловникот за работа на Собранието, така што и во тој дел во иднина би сакале да бидеме насочени, вели Ристова.
Како гости, во Собранието се поканети министерките во Владата, заменик-министерките, претставници на дипломатскиот кор и на домашни и на меѓународни невладини организации, со акцент на НДИ, ОБСЕ и UN Women, кои континуирано соработуваат со Клубот на пратенички во Собранието, од формирањето во 2003 до денес.
МИА