Инфлуенсерката Ени Лидија од Велика Британија добила диплома за медицинска сестра, па решила за тоа да прослави во својот роден град Нотингем со блиската пријателка Нив.
Тие се договориле да одат во бар, без да претпостават дека вечерта ќе заврши ужасно.
Имено, Ени не ги прифаќала пијалоците кои ѝ ги нуделе непознатите луѓе во барот, но сепак во еден момент сфатила дека нешто не е како што треба.
„Одеднаш почувствував дека нешто не е во ред. Знаев колку испив и не ми беше логично да се чувствувам толку лoшо. Јас не конзумирам дроги и ги избегнувам таквите места. Се сеќавам дека едвај стигнав до тоалетот, паднав и почнав да повраќам. Потоа се можев ни да се помрднам и не можев да го контролирам своето тело“, изјавила Ени за британски Мирор.
Таа имала среќа што била со својата блиска пријателка, која ѝ помогнала. Меѓутоа луѓето од обезбедувањето помислиле дека таа е пијана, па наместо да ѝ помогнат, само ја исфрлиле од барот. Нив здогледала полициска екипа и им кажала дека нејзината другарка не е добро, но полицијата само ја пренела Ени до Итната медицинска помош.
Ени изјавила дека не се сеќавала на ништо. Таа се разбудила околу 09:30 часот опкружена со доктори и медицински сестри, а докторот тогаш ја прашал дали била жртва на сексуално насилство.
„Мислев дека се’ е сон. Бев опкружена со доктори и медицински сестри. Немав чанта, ниту мобилен телефон, а ги имав изгубено и чевлите и личната карта. Лежев во болницата во фустанот кој го облеков претходната вечер. На телото имав модринки и докторот ме праша дали некој сексуално ме злоставил. Тогаш сфатив колку среќа сум имала што Нив беше тука, Таа остана покрај мене цело време, а да не беше таа којзнае што се’ ќе се случеше“, додала Ени.
Истиот ден таа била пуштена дома, а во болницата сепак не ѝ направиле тестови за дрога, бидејќи докторот сметал дека дури и да ѝ е ставено нешто во пијалокот, веќе нема траги од тоа во нејзиниот организам. Ени сепак ги чувствувала последиците со денови. Имала болки во стомакот и не се чувствувала добро, а за медиумите раскажала дека кога сега излегува внимателно гледа како ѝ ги подготвуваат нарачките.