Тоблероне повеќе нема да ја има познатата планина Матерхорн на своето пакување.
Поради преместување на дел од производството во Словачка, овој десерт нема да може да ја исполни законската дефиниција „швајцарски“, која е на сила од 2017 година, пренесува Yahoo.
Хрватски Индекс поренесува дека швајцарските закони се карактеристични по тоа што млекото и млечните производи мора да се произведуваат од 100 проценти од суровините на таа земја, додека за другите важи правилото за производство на 80 проценти од швајцарските суровини. Исклучок, на пример, се намирници што не можат да се добијат од Швајцарија, како што е какаото. Бидејќи Mondelez International Inc., американската матична компанија која е сопственик на брендот за чоколада, преместува дел од производството на „Тоблероне“ во Братислава, таа повеќе нема да ја исполнува законската дефиниција за „швајцарски“.
Законот ја покрива и употребата на швајцарски симболи, вклучително и територијални симболи, така што иконската планина Матерхорн ќе мора да се отстрани од пакувањето – ќе биде заменета со генерички врв. Новото пакување, кое летово ќе биде достапно на полиците, ќе ја содржи и ознаката „made in Switzerland“, пренесува The Washington Post. За потсетување, Тоблероне имаше и контроверзна одлука во 2016 година – со промена на дизајнот на производот му ја намалија тежината, но одлуката беше сменета две години подоцна поради критики.
Производството на познатата чоколада датира од 1908 година, во Берн, Швајцарија, домот на основачот Теодор Тоблер. Оттука доаѓа инспирацијата за препознатливата форма и лого, но освен губењето на препознатливоста, производителите имаат и други причини за загриженост. Истражувањата покажаа дека производите направени во Швајцарија се продаваат за 20 проценти повисока цена во споредба со оние што се произведуваат во други земји.