Откако еднаш Владата не дозволи задолжување на Општината Штип преку издавање на обврзница вредна 4 милиони евра, општинскиот Совет со противење на опозицијата од СДСМ и коалицијата, донесе одлука за повторување на постапката. Советот е првата точка од која се тргнува, по што ќе се бара зелено светло од Министерството за финансии и на крај Владата.
Со исклучок на проектот за изградба на конзоли за паркирање на реката Отиња, се’ друго останува исто. Овие 4 милиони евра се наменети за булеварот „Партизанска“, обиколницата од улицата „Гоце Делчев“ преку Пребег до Ново Село, поставување на фотоволтаици на општинските институции, затворен пазар и поставување на турбина за искористување на водата во филтер станицата за производство на струја.
Опозицијата од СДСМ побара точни информации кој од овие проекти колку чини. Маријана Рогожарска Поповска побара документи за секој проект поединечно. Но, во исто време изнесе и аргумент, зошто задолжување, кога само од даноци во текот на 2022 година се собрани три милиони евра.
-Што ќе правите со суфицитот? По медиумите изјавувате дека имате ликвиден буџет со над 3 милиони евра што ги пренесувате во наредната година (2023). Зошто тогаш задолжување? – праша Рогожарска Поповска.
Нејзиниот сопартиец Трајче Стојчевски реагираше на текот на процедурата.
-Нема доволно транспарентност во постапката. Според законот, вие сте должни да ги запознаете граѓаните преку јавна расправа, реагираше Стојчевски.
Општината не се задолжува, туку општината враќа долгови, реагираше градоначалникот Иван Јорданов, кој потсети дека владата вчера се задолжи со 500 милиони евра преку обврзница, а во исто време на Општината Штип и го оневозможува развојот преку тоа што не дозволи издавање на обврзница.
-Го охрабрувам вашиот претседател да издаде обврзница со која ќе се доврши изградбата на Клиничката болница, изјави Јорданов од говорницата на Советот.
Јорданов рече дека доколку булеварот „Партизанска“ би се градел одеднаш, тогаш би се потрошиле 2 милиони евра. Но, доколку оди во етапи, би чинело 4 милиони.
Јорданов очекува позитивен одговор од Министерството за финансии, како и првиот пат, додека СДСМ остана на став дека ако општината има пари од собраниот данок, зошто тогаш за се задолжува и аргументираше дека 99% од проектите во општината ги изведува централната власт, а не локалната.