Основното јавно обвинителство – Скопје соопшти дека јавен обвинител денеска издал повеќе наредби во насока на расчистување на синоќешниот оружен инцидент во близина на Старата скопска чаршија, во кој две лица беа лишени од живот, а едно беше повредено.
– По наредба на јавниот обвинител ќе биде извршена обдукција на телото на починатите. Сите обезбедени и подигнати траги и материјални докази од лице место во угостителскиот објект во кој се случи настанот се предадени на вештачење. Обезбедени се снимки од видео надзорот на самиот објект, на околните објекти, како и од системот „Безбеден град“, кои детално ќе бидат проверени. Јавниот обвинител издаде наредба да бидат извршени разговори со повреденото лице, со неколку други лица кои биле присутни во угостителскиот објект за време на настанот, како и со други лица кои би можеле да имаат некакви сознанија за инциденто – информираа од ОЈО.
Оттаму додадоа дека во текот на ноќта, била обезбедена уште една локација на патот кон Горно Оризари, каде било пронајдено опожарено возило „Ауди“. По насоки на јавниот обвинител, денеска увидни екипи на МВР вршат детален увид и преглед на таа локација, а сите прибрани траги и докази исто така ќе бидат предмет на вештачење.
– Истражните органи продолжуваат да преземаат интензивни дејствија за проверка на сите околности и откривање на сторителите, истакнаа од ОЈО.
Имено, како што јави агенцијата МИА, според последните информации од Министерството за внатрешни работи, во СВР Скопје синоќа во 20.11 часот било пријавено дека во угостителски објект на улица „Самоилова“ во Скопје пет лица облечени во црна облека со фантомки од огнено оружје пукале кон Ј.К. (37) и Е.И. (28), кои починале на местото на настанот, и кон А.Т.(34) од Скопје, кој се здобил со повреди и бил пренесен во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ за укажување лекарска помош.
– Околу 20.30 часот било опожарено возило „Ауди А6“ на патот кон Горно Оризари. По насоки од јавен обвинител, извршени се службени разговори со повеќе лица и се преземаат соодветни мерки и активности за расчистување на убиството, наведоа од МВР.