По професија е фармацевтка, активна е во невладиниот сектор на полето на заштита на животната средина, ужива да чита психолошка литература, сонува да има сопствен бизнис и се грижи за сообраќајната безбедност на учениците од своето село. Сестраноста на младата Александра Аврамова од радовишкото село Јаргулица, се провлекува низ целата нејзина животна приказна.
Рушејќи ги родовите стереотипи таа во разговор за Македонски медиа сервис порачува дека сите жени треба да бидат самостојни, да работат на својот личен развој и да не зависат од туѓите очекувања.
„Децата се моја најголема мотивација и уживам во нивната искреност, сакам да сум опкружена со нив. Јас сум горда тетка, имам две внучиња од брат ми, но бескрајно ги сакам и децата од мојата рурална средина“, вели Александра која работи како менаџерка во приватна фирма, а пред да почне пандемијата ги превезувала учениците од своето село до соседното Подареш. Таа работна обврска сега е во стагнација, бидејќи наставата се одвива онлајн.
„Децата се моја најголема љубов, а конкретно оние од моето село кои учат во Подареш, бидејќи кај нас нема настава од петто до деветто оделение. Пред да почне пандемијата децата ги носев на училиште околу 7 наутро, па се враќавме назад околу 13 часот“, раскажува Александра која ги превезувала децата со мало комбе со капацитет за девет патници.
Таа вели дека детската насмевка е доказ оти во животот има многу позитивни работи на кои треба да им се радуваме. Слушајќи ги нивните секојдневни разговори и прераскажувања на анегдотите од училишните клупи, децата почнале да ја нарекуваат ‘наставничке’.
-Родовите стереотипи, па и традиционалното сфаќање дека жените од рурални средини треба по автоматизам да се занимаваат со земјоделие, се обиделе да ѝ застанат на патот на нашата соговорничка, која благодарение на книгите што ги чита сфатила дека треба да ги следи своите амбиции.
„Имаше некои мислења на почетокот дека јас нема шанси да се справам со таа работна обврска, дофрлувања од страна како може фармацевт да вози деца. Оваа работа почнав да ја работам пред пет години и тогаш немав комплетна документација за да работам во фармацевтската индустрија, но сеедно, мене ова ме исполнува. Немав никаква грешка и предрасудите почнаа да стивнуваат“, додава Александра. Дури и автошколите почнале да ја поздравуваат нејзината работа, но паралелно таа се соочила со негативни мислења дека штом е од рурална средина не може да е активна на толку полиња.
Ова не ја обесхрабрило па се вклучила во невладиниот сектор, од каде има и сертификат за граѓанско учество за обука во проектот ,,Активни граѓани за добро владеење”, а имала соработка и со Организацијата на жени од Свети Николе во проектот „Активни жени за подобри општини“.
„Се запознав со активистките од Свети Николе и многу сум среќна поради таквото познанство, но се вклучив и во најновата кампања на Институтот за комуникациски студии за значењето на водите. Сакам да делувам за почиста животна околина и баш поради мојата професија, сметам дека треба да градиме иднина на основа на фактографија“, додава младата радовишанка.
Таа неодамна во семејниот дом со своите најблиски го прослави својот 28-ми роденден, но се уште ѝ е свежо сеќавањето од прославата на 25-от роденден, која таа ја напуштила и си заминала поради еден непоканет гостин. Тоа бил нејзин сограѓанин кој насилно се однесувал кон неа, па затоа гласно зборува за родово насилство и ги охрабрува жртвите да ги пријавуваат таквите случаи во институциите.
„Насилството не е пријатно искуство, но јас така сфатив дека човек треба да остане човек во најтешките моменти. Тоа ми беше големо искушение кое го надминав и, за среќа, немаше некои посериозни последици“, вели Александра која била жртва на радовишанец кој имал и сопруга и дете, но инсистирал да бидат заедно иако никогаш се немале запознаено.
„Бев жртва на маж кој не го познавав, никогаш го немав видено. Ме демнеше, ми се јавуваше, па се закануваше дека ќе се самоубие и дека јас ќе бидам виновна за тоа. Му го блокирав бројот, но тој се јавуваше кај моите другари и бараше да разговараме па им вршеше притисок и на нив. Мислев дека сето тоа ќе помине, но работата се интензивираше, ми велеше заедно да сме заминеле за Америка“, се сеќава Александра.
Сето тоа траело околу една година и таквото прогонување и’ го направило секојдневието неспокојно. Однесувањето на насилникот кај неа ги предизвикало психолошките трауми на кои укажуваат и самите психолози во своите излагања на оваа тема.
„Неколку месеци имав блага депресија, несоница, панични напади, па дури добив и срцева слабост. Се плашев дека во секој момент од некаде може да се појави и знаев дека долго време нема да бидам спремна за врска. Тоа ми го наруши здравјето, но сега сум добра и се надевам дека некогаш ќе можам да уживам во чиста и искрена љубов“, додава таа.
Таа го толерирала таквото однесување бидејќи замислувала како ќе и’ биде на сопругата на насилникот доколку се дознае што прави тој, но ситуацијата ескалирала кога тој во една прилика ја нападнал физички. За среќа, самата таа успеала да се одбрани исто така со физичка сила, но стравот и понатаму бил присутен.
„Кога возев автомобил забележував дека ме следеше. Ноќните излегувања со пријателките ми се претвораа во кошмар бидејќи и тој се појавуваше на истите места, па понекогаш одевме во околните градови за да немам чувство дека слободата ми е нарушена“, посочува Александра.
Го предуредувала дека неговото однесување може да биде регистрирано на камерите од околните објекти и да одговара, но како што вели, тој се однесувал како да сака да и’ создаде грижа на совест.
Александра се охрабрила и за ова им се доверила на своите најблиски.
„Родителите цел живот не воспитуваа да бидат трудољубива и независна, па јас и кога ги запознав со проблемот им укажав дека ќе се справам со тоа. Тие не се мешаа и јас сум благодарна што ме разбраа“, раскажува таа за ММС. Сепак, решила дека откако поминала цела една година во вознемирување и прогнување, на потег се институциите.
„Не гледав друг излез па пријавив во полиција, но таму не добив некое големо охрабрување од службениците. Сепак, сериозноста на проблемот ја разбраа една полицајка и една адвокатка па повторно отидов во станица и така проблемот се реши, но за волја на вистината јас никогаш не дознав дали и каква санкција имало за насилникот“, вели Александра која ова непријатно искуство го оставила во минатото.
Закрепнувањето според неа, не е лесно, но може да се постигне. Ваквото непријатно искуство ја направило Александра посамоуверена, позрела.
Токму родовото насилство годинава се најде во фокусот на маршот на невладиниот сектор по повод Меѓународниот ден на жената. Темата се актуелизираше по случајот со групата „јавна соба“, која го изнесе на виделина мислењето дека „жртвите сами си го барале“.
-Пред да ги обвинуваат жртвите, луѓето треба да се едуцираат и да сфатат дека облеката не те прави мета или виновник. На жртвите на насилство би им порачала дека тоа не е нивна конечна состојба, дека е само една случка која ќе помине – додава младата жена.
„Сфатив колку го сакам животот и колку се вредни книгите кои ги читам, а кои ме учат дека запознавањето со психологијата ве носи кон личен развој, кон подобри семејни и меѓучовечки односи воопшто“, гордо вели таа.
Токму во тие лоши моменти, децата кои ги превезувала внесувале ведрина во нејзиното секојдневие. Нивните насмевки ми укажуваа дека не е се така црно. Тие не знаат што доживуваш, а мора да си позитивен, па работата уште повеќе почна да ме исполнува“, додава Александра. Таа секогаш дава поддршка за протестите за поголеми права на жените и вели дека постојано треба да се зборува на тема насилство за да се зголеми свеста за проблемот, но истовремено треба да се афирмира и женската убавина.
Таа е доказ дека можностите за личен раст и развој се многубројни и за тие да се зграпчат, не е важно дали потекнуваш од рурална или урбана средина.
Ме прави среќна тоа што давам личен пример и верувам дека индивдуално може да постигнеме промена, токму затоа одлучив да бидам волонтер. Сакам да градиме општествени промени врз основа на факти и истражувања – заклучува младата Александра.
Вања Мицевска