Возило „ауди А6“, за кое се претпоставува дека им послужило на вооружените напаѓачи да побегнат од кафулето „Шиша“ во Скопје, е пронајдено запалено во населбата Шуто Оризари.
Се претпоставува дека напаѓачите потоа побегнале со друго возило, со кое за кратко можеле да ја поминат границата и да побегнат. Убиени се Јетон Кривањева и Енес Исени.
Напаѓачите облечени во црни униформи што многу наликувале на тие на интервентната полиција, влегле и извикале дека е полициска рација по што на местото на настанот двајца се убиени, додека еден од гостите, кој се обидел да им се спротивстави завршил со два куршуми во ногата. Се шпекулира дека веројатно вооружените имале намера да ги убијат двајцата во кои пукале, додека на третиот му е пукано во нога, со цел да се онеспособи, не и да се убие.
Повредениот е однесен во Хируршката болница „Свети Климент Охридски“, каде амбулантски е третиран и пуштен на домашно лекување.
-Вечерва околу 20.15 часот со приватно возило е донесено лице на преглед во нашата клиника. Констатирана е прострелна рана во предел на левото стапало и поголема рана во предел на десната потколеница. Раните се обработени, направени се потребните снимања, преврзано се и е поставена имобилизација, по што лицето е пуштено на домашно лекување, односно не е задржано, изјавија за МИА од Градската болница.
Повеќе детали се очекуваат денеска од Обвинителството, откако дежурен јавен обвинител заедно со полициски увидни екипи вечерва изврши увид на лице место во угостителскиот објект.
-Според првичните информации, неколку маскирани лица со огнено оружје пукале кон двајцата кои починале на лице место, додека повредениот е пренесен во болница за да му биде укажана лекарска помош. Фиксирани се траги на лице место, а јавниот обвинител ги издава сите потребни наредби и насоки со цел да се обезбедат докази кои ќе помогнат за расчистување на настанот и за откривање на идентитетот на сторителите, соопшти ЈОРМ.