Народниот правобранител по своја иницијатива отвори предмет за случајот со смртта на деветмесечното бебе кое беше болно од туберколоза. Заменичката-народен правобранител, Васка Бајрамовска денеска информираше дека веќе се обратиле до повеќе органи.
„Првенствено се обративме до Меѓуопштинскиот центар за социјална работа по место на живеење на семејството, до Институтот за јавно здравје, исто така до надлежната клиника каде што се лекувало детето, како и до клиниката каде што е сместена мајката на детето“, соопшти Бајрамовска.
Таа рече дека Центарот за социјални работи направил увид во домот на семејството, а првичните информации говорот дека социјалните служби не утврдиле пропуст во делот на семејната грижа.
„Ние сме секојдневно во комуникација со Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, направен е увид во семејството, преземени се мерки согласно надлежностите и како што тврди директорката, иако писмено се уште го чекаме и одговорот, не утврдиле пропуст во делот на родителската грижа за децата имајќи предвид дека покрај ова дете, семејството има уште три други деца“, додаде Бајрамовска.
„Таа најави дека институцијата Народен правобранител правобранител ќе ја продолжи и понатаму постапката, ќе ги чека одговорите од надлежните здравствени установи, но секако ќе го вклучат и надлежниот Државен санитарен и здравствен инспекторат и Министерството за здравство. Оценуваме за потребно да се испита моментот од пораѓањето на мајката, килажата на детето и примањето на вакцината со толку мала килажа, за да се утврди дали патронажните служби навремено ги преземале сите оние мерки дури и за информирање. Жално е 21-ви век кога има лек односно вакцина со која може да се превенира таквата болест, да дозволиме да ни почине бебе“, порача Бајрамовска.
Деветмесечниот Билал почина откако минатиот месец во тешка здравствена состојба беше донесен од Куманово на Детската клиника во Скопје, по што беше префрлен во болницата во Козле. Бебето беше неухрането и болно од туберколоза, а лекарите информираа дека тежело само три килограми.
Мајката на бебето лани имала туберколоза и се лекувала на Институтот за белодробни заболувања, но по сомнежот дека е заболено и бебето, таа повторно беше хоспитализирана.
В. Ми