„Ќе преживеат ли жените овде?“ е слоганот на маршот кој Платформата за родова еднаквост го организира в среда во Скопје. Симболично на празникот Осми март, граѓанските организации по седми пат ќе маршираат за да потсетат на проблемите кои секојдневно ги имаат жените во земјава.
Организаторите најавуваат дека маршот ќе биде израз на „протест на колективната негрижа кон жените и девојките во секој поглед – од растечките стапки на насилство, фемицидите, секојдневни социјални и здравствени неправди и економска несигурност, до високата сиромаштија која особено ги погодува жените“. Целта на маршот е жените да се изборат за менување на политиките за да се подобрат условите во општеството, во кое како што сметаат активистките, жените и девојките сѐ уште се дискриминирани и немаат докрај остварени права и можности дома, на работа, во политиката и во социјалниот живот.
Јана Коцевска од Платформата за родова еднаквост денеска изјави дека во 2023 година жените се соочени со политики кои не ги препознаваат доволно нивните потреби, а институциите не ги заштитуваат доволно.
-Горечки проблем во државава се насилството и мизогинијата… Да се биде жена или девојка во Македонија значи да се будиш секое утро во страв и да се прашуваш како и дали ќе го преживееш овој ден, секојдневно да се соочуваш со ново прашање за преживување, дали ќе преживеам возење со такси, дали ќе го преживеам месецов, дали ќе преживеам брак или заедница, дали ќе го преживеам породувањето, дали ќе ја преживеам операцијата. Да се биде жена во Македонија значи да се плашиш и постојано да се прашуваш дали ќе преживеам. Затоа слоганот на годинашниот 8-ми Март е: „Ќе преживеат ли жените овде?“ – изјави Коцевска.
Таа смета дека не постојат конкретни, туку само декларативни заложби за подобрување на статусот на жената во општеството и дека и натаму жените остануваат жртви на насилство и живеат во економска несигурност.
– Има напредок во донесување закони, иако некои се заглавени, но клучно е дека проблем е имплементацијата на политиките, институциите не ги спроведуваат како што е пропишано. Тука е најголемата грешка, како да нема евалуација, залудно е што декларативно имаме документи, кога нема промени – рече Коцевска.
Како пример посочи дека градоначалниците на општините не одговориле на апелите да не се исклучува уличното осветлување кое, како што вели таа, е опасно за безбедноста на жените кога ноќе се движат во јавниот простор.
– Градоначалниците и натаму се глуви по тоа прашање, светлата повторно се гасат. Како да нема волја за вистинско менување на тие политики. Затоа сметаме дека е крајно време нешто да се преземе – додаде Коцевска.
Таа повика на маршот задутре да се придружат што поголем број жени, а да се солидаризираат и мажите, зашто родовата еднаквост е придобивка за целото општество. Маршот ќе почне во 18 часот на плоштадот „Филип Втори“, ќе продолжи по мостот „Гоце Делчев“, пред Владата до улица „Рузвелтова“ и потоа по булеварот „Партизански одреди“ ќе заврши во паркот „Жена борец“.