Градот Скопје распиша нов повик за приватните превозници во јавниот превоз, а во него се содржани условите за аплицирање како и во претходните два јавни повика, на кои всушност никој не се пријави.
Градоначалничката, Данела Арсовска вели дека повикот е изготвен во соработка со новото координативно тело на приватните превозници, кои како што тврди таа, искажале подготвенст чесно, одговорно и транспарентно да ја вршат дејноста за која е организиран овој јавен повик.
„Се надеваме дека по завршувањето на овие две недели повторно ќе имаме заедничко водење на јавниот превоз во Градот Скопје. Она на коешто наидовме кај нив е навистина едно големо разбирање и желба да се работи баш како што треба и со целосно почитување на нашата национална легислатива и согласно сите оние одредби на договорот коишто Град Скопје ги нуди како услови“, изјави денеска Арсовска одговарајќи на новинарско прашање што ќе се случува понатаму, откако веќе се најде заеднички јазик со приватните превозници.
Таа најави дека соработката со нив ќе продолжи на повеќе теми за кои треба да разговараат.
„Следи една реформа на јавниот превоз каде што сакаме да се прилагодиме во целост на оние еко стандарди што се неопходни за да граѓаните имаат, не само квалитетен и брз јавен превоз, туку и еколошки кој ќе биде во насока на тоа да имаме почиста животна средина“, рече Арсовска додавајќи дека ќе формираат заеднички тимови, односно екипи кои ќе работат на сите предизвици детектирани досега. Целта на работата на овие тимови, додаде таа, е граѓаните да добијат стандардизиран и еколошки јавен превоз.
Во однос на блокадите кои беа организирани од приватните превозници на повеќе клучни места во главниот град, градоначалничката смета дека зад тоа стоеле лични, но и политички мотиви. Таа и понатаму тврди дека Град Скопје нема долг кон превозниците, а договорните одредби предвидуваат единствено услови за вршење превоз на територија на градот.
„Што се однесува до тековните обврски од ЈСП Скопје кон приватните превозници, истите ќе бидат исплатени согласно потпишаните договори, додека трае јавниот повик за нови договори за јавен превоз. Сите тековни обврски ќе си бидат исплатени како што тоа било наназад во изминатите 30-година“, посочи Арсовска.
Градот Скопје конечно воведува ред во јавниот превоз на патници, согласно сите стандарди, при што новото координативно тело на превозниците покажа желба за соработка и прилагодување согласно стандардите со цел граѓаните да добијат квалитетен јавен превоз.
За оваа година, со цел подобрување на услугите на јавниот превоз, планирано е и дополнително зголемување на капацитетите на ЈСП со нови еко автобуси. Инаку, на новиот јавен повик, нема да можат да учествуваат „Слобода Превоз” и „Макекспрес” поради договорот кој беше раскинат, а кој предвидуваше забрана за учество доколку се раскине пред истекот на истиот и по нивна вина.
В. Ми