Србија го избра својот претставник за годинашнава Евровизија која ќе почне на 9-ти мај во Ливерпул. Нашата соседна држава ќе ја претставува пејачот Лука Ивановиќ чие уметничко име е Лук Блек, откако тој вчеравечер триумфираше во финалето на „Беовизија“ со неговата нумера „Само ми се спава“.
Како што се ближи музичкото натпреварување во Ливерпул, обложувалниците веќе „полудеа“ со прогнозите за тоа кој ќе биде победник. Србија драстично скокна на ваквите листи и веќе се наоѓа на 13-тото место, откако беше одлучено дека земјата ќе ја претставува Лук.
Инаку, младиот пејач објасни дека песната со која победи на домашниот избор за Песна на Евровизија, ги опишува луѓето кои ги затвораат очите пред проблемите и не се обидуваат да ги решат.
„И понатаму не сум сигурен дали сонувам или сум буден“, изјави тој за утринската програма на РТС.
„Многу сум среќен и немав време да процесирам сѐ. И понатаму не сум свесен за сѐ и не можам да дадам некоја нормална реакција. Можеби делувам рамнодушно, но всушност ми се оствари еден голем сон“, додаде тој.
Младиот пејач во телевизиското интервју посочи дека нема мнгу да одмора и дека со подготовките ќе почне веднаш, а откри и дека веќе смислил како би изгледал настапот.
Во однос на пораката која ја испраќа со песната, вели дека таа говори оти луѓето треба да се разбудат бидејќи злото расте кога ги држиме очите затворени.
„Само кога ќе се разбудиме, може да ги победиме“, истакна Блек.