Љубовта кон децата и желбата еден ден да работи со нив, биле главен мотив за Зорица Шикоска, при изборот на факултет, работата да и биде директно поврзана со деца и одлучила да стане логопед. Речиси 20 години таа им е целосно посветена на најмладите.
По завршувањето на студиите, тетка Зоре, како што ја викаат дечињата, првиот ангажман за тогаш дефицитарната професија го имала во Општата болница во Охрид, од каде по неколку години, продолжува да работи со дечињата во детската градинка „Јасна Ристеска“. Таму веќе 11 години ниже успеси во правилно изговорени гласови и поврзување реченици, и е омилен лик кај дечињата.
Работата со деца за неа е прекрасно нешто. Нема проблеми во однос на адаптацијата бидејќи пред сѐ работи со дечиња, кои посетуваат градинка, имаат комуникација со воспитувачките и брзо се прилагодуваат.
Екраните пречка за развој на говорот
Состојбата со говорот кај најмладите, забележа таа, од година во година е сѐ полоша, а причината ја гледа во екранизацијата. Токму затоа, препорачува насочено и ограничено седење пред компјутер, телевизор или со телефон во раце.
– Како што минува времето состојбата со говорот кај дечињата е многу хаотична. Првично, децата немаат доволно развиен говор или им е нарушен говорот, затоа што ги користат телефоните. Да тоа е точно, екраните си го прават своето, но родителите се тие, кои имаат најголема улога во развојот на говорниот апарат кај дечињата, затоа што немаат комуникација со нив. Ние како родители се враќаме од работа дома и најлесно ни е, еве го телефонот гледајте. Ја немаме таа комуникација со децата да ги прашаме првично како сте, дали сакате нешто, ајде заедно да поиграме. Ги истураме коцките во собата и викаме ајде играј си сега. Секоја игра треба да биде насочена со дечињата, на тој начин можеме да го поттикнеме говорниот развој кај децата, смета Шикоска.
Според неа, екраните, телевизорот и телефоните влијаат многу негативно врз когнитивниот, емоцијалниот и социјалниот развој на детето.
– Од тоа последователно се јавува промена во расположение кај детето, депресија, претеран бес, слаба контрола на однесување, проблеми со спиење, недостиг на концентрација, кратко внимание. Покасно сето тоа влијае до слаб когнитивен развој, односно бавно размислување, бавно помнење, слаб развој на фантазија и самостојни игри, бавен јазично – говорен развој, лошо јазично изразување, оскуден или сиромашен речник. И покасно веќе во училиште проблеми со помнење, слаба концентрација, кратковидост, тешкотии со спиење, недостаток на телесни активности…., посочува логопедот.
Таа додава дека користењето телефони и комјпутери и гледањето телевизија треба да е умерено, односно ограничено и насочено. Како стручно лице советува децата никако да не се хранат со телефон во раце, туку да се оставаат сами да јадат.
– Детето треба да се научи правилно да ја држи лажицата. Очекуваме дека ќе почне во училиште и ќе му дадеме моливче во рака и бараме да направи права линија. Како ќе ја направи таа права линија кога не знае да ја држи лажицата, децидна е Зоре.
Децата немаат основна комуникација
Децата до шест години, со кои и работи Зорица, до пред некое време најчесто се соочувале со нарушување на гласови, правилен изговор на буквите „р“, „л“, или замена на гласот „с“ со „ш“, „з“ со „ж“. Во последно време нагласува дека нема развиен говор кај дечињата.
– До три и пол, па и четиригодишна возраст децата немаат реченица. Немаат основна комуникација, многу е оскудно усното изразување, а камо ли да раскажат приказна. Тоа е поврзано со работата дома. Уште додека бебето е во утробата кај мајката, ние треба да му зборуваме. Кога ќе се роди ќе речеме, ах ништо не разбира, но тоа се не разбира. Не следи со поглед, ги врти очињата ако некој му зборува, па тогаш да му зборуваме постојано, истакнува Шикоска.
Доколку до третата година детето нема развиен говор, потребно е да се побара стручна помош односно да почне со работа со логопед.
Иако смета дека дечињата треба да се следат уште од најрана возраст, сепак поради бројот на деца со кои работи во градинката, го следи говорот на дечиња од три до шест години.
– Провоцираме пасивен речник. Знаеме дека детето го разбира говорот, но треба да го активираме тој пасивен речник, да го збогатуваме речникот додека работиме, ги корегираме сите гласови и замената на гласовите. Работиме на комплетирање реченица, на усно изразување. Тоа ми е многу важно. Подобро на шест години да не кажува правилно некоја буква, но да може да ја раскаже приказната, да може детето да праша да се заинтересира за нешто, а не само да чекаме и да повториме, посочува Шикоска.
Резултатите се индивидуални, групните третмани со поголем ефект
Во секојдневната работа Зоре најчесто користи сонди, шпатули или прстето на детето со вежби пред огледало. Надгледен материјал во градинката добиле последната година, додека претходно сите работни материјали ги изработувале рачно. Групните третмани смета дека даваат подобри резултати за разлика од индивидуалните, каде децата се натпреваруваат меѓу себе кој подобро ќе каже, кој ќе биде прв, па ќе добие поголема петка….
Временска рамка за доаѓање до посакуваниот резултат вели дека нема.
– Индивидуално е. Многу зависи од поставеноста на јазичето и забите во устата. Ако јазичето ни е пасивно, спуштено е долу многу подолго треба да правиме вежби да го кренеме да добиеме вибрација. Ако јазичето е доволно раздвижено низ устата, тогаш е многу полесно, рече Шикоска.
Секој ден подготвува надгледен материјал и план за работа, тоа ѝ претставува задоволство, но исполнетоста е комплетна со одличната соработка со дечињата.
Соработката со родителите и очекувањата различни
Соработката со родителите ја подели во две групи, едните премногу се вложуваат и очекуваат резултати, додека другите очекуваат логопедот да го реши проблемот веднаш.
– Едни родители после секој час бараат објаснување што сработиле и што тие дома да работат. Додека другите пак, го носат детето кај мене, ако има проблем со концентрација со внимание не се врти на своето име не ве следи со поглед очекуваат дека кога ќе го земат логопедот со магичното стапче средил. Не прво треба да оди на дефектолог, на психолог и кога тие ќе проценат дека детето е спремно за работа со логопед тогаш веќе настапувам јас, посочи Шикоска.
Кога ќе ги земаат децата од третман родителите најчесто прашувале како поминале, дали биле умни, а поретки биле оние што прашуваат како напредува. Зорица смета дека сите родители не се запознаени со работата на логопедот, ниту пак се информирани за придобивките од работата на нивните деца со стручните служби. Но, како што нагласува, секој мал чекор во напредокот на детето е голем чекор за неговиот развој, а огромен за неа и за родителите, што е и дополнителен мотив за понатамошна успешна работа.
МИА