Заменикот народен правобранител, Јован Андоновски во денешното гостување на емисијата Стадион, зборуваше за неговата посета на Украина, за средбите со неговите колеги од канцеларијата на Народниот правобранител таму, како и за секојдневието и животот во оваа земја.
Во текот на оваа посета, произлезе и идејата за формирање на една меѓународна група која ќе се мобилизира, ќе се динамизира и ќе има активности на лице место и во Украина и во Русија и да се влезе онаму кадешто се уште има воени дејствија, таму кадешто се бегалците, да се проверат информациите за третманот на воените затвореници и во двете земји, да се провери информацијата за децата кои наводно биле префрлени во кампови во Русија.
„Оваа тело би било составено од омбудсман претставник од Украина, еден предлог од Русија и еден претставник кој заеднички ќе го договорат двете страни и ќе биде баланс во пристапот. Сметав дека омбудсманот како институција којашто ги штити човековите права и којашто има право во секое време и без претходна најава да ги посети лицата коишто се лишени од слобода е соодветна институција која што ќе може да направи такви посети. Можам да кажам дека од украинска страна веднаш беше прифатена таквата идеја, на лице место, за време на самите разговори и кажаа дека уште денеска се спремни ако треба да се отворат вратите таму кадешто има воени лица од руска страна, коишто се чуваат како притвореници од војната, за да се видат во какви услови се држани, како се третираат, дали им се дава храна, основни услови за живот, дали им се пружа соодветна медицинска нега. Дали руската страна соработува, нема се уште фидбек но она што го имаме како информација е дека руската страна не дозволи влез ниту на Црвениот крст да ги посети тие лица кои се на руска територија“, образложи Андоновски.
Дали оваа идеја сега или подоцна ќе го види светлото на денот засега не може да се каже, вели Андоновски, зошто сепак мора да се спојат неколку коцки во мозаикот. Идејата треба да биде прифатена и од руска страна. Сега за сега идејата се уште е на маса, и кога ќе биде конечниот исход, ќе каже времето.
Според новинарката Кристина-Крис Атовска, која во исто време се затекнаа во Украина со Андоновски, за оваа идеја да се реализира мора да се поттикне како идеја од Украина, дека мора државата да ја покрене оваа иницијатива во меѓународната јавност, за да сето тоа биде изводливо.
„Тие тоа се уште официјално го немаат направено,“ додава Атовска.
Замаеник народниот правобранител кажа дека за оваа идеја разговарал и со омбудсманот на Украина на средба во Варшава која што се одржала во октомври минатата година.
„Ја прифати идејата безусловно и прифати да ја промовира, а за тоа разговарав и на премиерата со украинската амбасадорка во Македонија на премиерата на филмот „ Приспивни сирени„ во Скопје.
Андоновски смета дека идејата за формирање на меѓународното тело е жива и веројатно ќе се случи и најверојатно ќе се чека поволен момент.