Семејството на осуммесечното дете од Куманово примени на ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести Скопје не е корисник на социјална парична помош, ниту на друго право, информираа денеска од Центарот за социјални работи Куманово.
Од Центарот велат дека веднаш по добиено известување од страна ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести Скопје за малолетно дете на осуммесечна возраст кое во тешка општа состојба било примено на Клиниката, веднаш презема активности за утврдување на фактичката состојба на семејството Демири.
-Семејството Демири не се евидентира во ЈУМЦСР Куманово како корисник на ниту едно право ниту пак досега имаме добиено какво било известување од страна на други институции за потреба од давање на некаква услуга. Таткото е вработен во јавно претпријатие, додека мајката е корисник на додаток за трето дете кое го користи во ЦСР Скопје – Шуто Оризари, соопштија од Центарот.
Според податоците на Центарот по извршените проверки, соопшти денеска директорката на Центарот, Александра Арсовска, станува збор за шестчлено семејство, две деца се на училишна возраст и се редовни ученици во основно училиште во Куманово, третото дете е на предучилишна возраст додека новороденото четврто дете кое е предмет на известувањето е четврто по ред родено дете со уредна контролирана бременост, со предвремено породување и родилна тежина од 1740 грама, истото на 20.10.2022 г. има примено БСГ вакцина.
-Стручен тим од ЦСР Куманово направи увид во домот на семејството при што е констатирано дека семејството живее во еднокатна куќа комплетно опремена со целиот потребен инвентар, со високо запазени хигиенски услови. Телефонски е направен разговор со стручните служби од училиштето од каде досега немаат индиции за занемарување на децата коишто се редовни ученици. Таткото беше повикан на разговор и даде своја изјава дека освен што е во редовен работен однос исто така работи и прекувремено за да со дополнителна работа обезбеди повеќе материјални средства за семејството, а сопругата е невработена и се грижи за децата и домашните обврски, изјави Арсовска.
Во однос на здравствената состојба тој кажал дека во скоро време бил на систематски преглед и кај него не е утврдено никакво заболување, а исто така и сите деца се во добра општа здравствена состојба, но по констатирањето на присуство на ТБЦ кај неговата сопруга и кај новороденото дете тој ги однел сите три деца на тестирање од ТБЦ, резултатите сè уште не се добиени.
Во момент децата не посетуваат училиште, а родителот принудно зел годишен одмор за да може да се грижи за децата и домот во услови кога сопругата се наоѓа на лекување во Скопје а новороденчето на интензивна нега.
-ЈУМЦСР Куманово односно стручните служби продолжуваат со следење на севкупната состојба и помош и поддршка на семејството кое по направената виктимизација сега има проблем да се интегрира во средината односно децата да се вратат во училиште и да бидат прифатени, а тој по завршеното лекување на сопругата да се врати на работните обврски за да обезбедува материјални средства за егзистенција на семејството, вели Арсовска