Шарлот Бан и Тајрон Соберс се родители на близнаци, а откако дознале дека повторно ќе станат родители нивниот живот се променил и повеќе одошто очекувале.
Имено, тие се од Манчестер и веќе имаат деветгодишни близнаци, а неодамна дознале дека повторно ќе добијат дете. Веста за бременоста ги израдувала, но не се надевале на такви информации какви што добиле на лекарскиот преглед. Сѐ почнало на крајот на декември кога откриле дека ќе им се оствари повеќегодишната желба за проширување на семејството. Закажале преглед кај гинекологот, но не претпоставувале дека тој ќе им соопшти оти место едно бебе, ќе добијат три!
„Близнаците веќе имаат девет години. Не активно се обидувавме да добиеме уште деца, но потајно посакувавме. Се водевме од мислата, ако се случи, нека се случи“, раскажала Шарлот. Откако три дена ѝ доцнел менструалниот циклус, таа решила да направи тест за бременост.
„Не размислував за тоа додека не ми задоцни менструалниот циклус. Потоа направив тест и беше позитивен. Бевме многу возбудени, но не мислев дека ќе добиеме повеќе од едно дете“, додала Шарлот во интервјуто за Дејли Стар.
Кога ѝ била соопштена веста дека носи три бебиња, таа доживеала „нервен слом“.
„Отидов на ултразвук и докторот ме погледна чудно. Потоа ми рече дека има три плода. Мислев дека лаже и бев во шок, а веста на сопругот му ја соопштив со смс порака. Дури ни тој не ми веруваше, многу сме возбудени“, изјавила Шарлот која на 30 години ќе биде мајка на пет дечиња.
Новонастанатата ситуација ја прокоментирал и нејзиниот сопруг.
„Не ми се веруваше кога Шарлот ми рече дека се работи за три бебиња. Се радуваме на тоа. Со близнаците бевме исплашени и не знаевме што да очекуваме. Ова ќе биде баш голема промена, но истовремено и благослов“, изјавил пресреќниот татко.