Во зградата на Основниот суд во Подгорица денеска експлодирше бомба. Полицијата потврди дека во експлозијата починало едно лице, а пет лица се повредени. На местото на настанот има полициска екипа, но и екипа на Итната медицинска помош.
Порталот Вијести јави дека неофицијално, загинатиот е триесет и деветгодишниот Младен Булатовиќ, кој активирал рачна бомба на влезот во Судот.
„Во 11:35 добивме известување дека во зградата на Основниот суд е активирана експлозивна направа и дека има повредени. Утврдивме дека смртно е повреден М.Б. (39) кој активирал експлозивна направа. Имаме уште петмина повредени кои се хоспитализирани во Клиничкиот центар“, изјави Срѓа Кораќ од Криминалистичката полиција.
Увидот на местото на настанот се уште е во тек.
„Околу 11:35 на влезот во зградата на Основниот суд во Подгорица, М.Б. активирал, најверојатно, рачна бомба и при тоа смртно настрадал, додека пет лица, според досегашните информации, се повредени“, се наведува во официјалното соопштение на полицијата.