Пациентите со дијабет повторно оставени сами да се снаоѓаат.
Недостигот на инсулин останува „рак рана“ за граѓаните на кои незивесноста им е секојдневие. Освен што меѓу себе се организираат и си помагаат со позајмување инсулин, тие се жалат дека има недостиг и на ленти за мерење на шеќерот во крвта, а проблем е и квалитетот на глукомерите.
„Проблемот со лентите останува, не е решен за жал. На глукомерите им поминува рокот и тој проблем е сериозен. Затоа ние постојано објавуваме дека обезбедуваме донации и за глукомери и за ленти од компании и луѓе кои се општествено одговорни. Се обидуваме тој притисок на немање ленти кај лицата со дијабет да го покриеме и да им помогнеме да живеат како што треба, да може да го мерат шеќерот“, посочува за ММС Диме Велев, претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичари.
Проблемот со недостигот на инсулин во инсулинските аптеки ширум државата се провлекува со недели наназад, а од Министерството за здравство велат дека нема само еден тип на инсулин и дека веќе е распишан јавен повик за да се обезбедат нови количини од терапијата. Според здравствените власти, за истиот инсулин има соодветна замена и сите пациенти се покриени. Сепак, пациентите не тврдат така и велат дека и кај заменската терапија почнал да се јавува недостиг.
Додека Министерството за здравство нуди замена за инсулинот кој недостига, пациентите во страв за безбедноста
Од Здружението на граѓани со дијабетес за општините Гевгелија, Богданци и Дојран потенцираат дека ваквата промена предизвикала паника и страв кај лицата со дијабетес ставајќи го здравјето во прашање.
„Нормално, лицата со дијабетес изразија сомнеж околу употребата на замената пред сѐ поради стекнатата животна навика за употреба на претходно достапниот инсулин, дозираноста и советите кои дотогаш ги имаат добиено од лекарите. Не можеме да сме сигурни дека замената во иста доза на земање ќе го има истиот ефект како и претходно употребуваниот инсулин, а не сме сигурни ни дали тие лица со дијабетес добиле некакви совети од страна на лекарите кои работат со нив, а дали и самите лекари се известени за таквата промена и препораките. Менувањето на типовите на инсулин може да биде опасно ако не се направи правилно, а лицата со дијабетес треба да разговараат со лекар за правилното дозирање пред да го направат тоа“, потенцира во изјава за ММС, Гордана Јанева која членува во ова Здружение.
Велев пак, нагласува дека на секој дијабетичар кој е на инсулинска терапија, му следуваат бесплатни ленти согласно типот на дијабетесот. Во овој момент, работите вака се поставени само на хартија, а реалноста во секојдневието на пациентите е поинаква бидејќи лентите кои ги добиваат се далеку од доволни. Оттука, нашата соговорничка Јанева додава дека покрај недостигот, тие постојано се сомневаат и во квалитетот на опремата, лентичките и глукомерите.
„Некогаш сомневајќи се правиме повеќекратно мерење од иста капка крв, па често имаме случаи кога измерените вредности се разликуваат за 4-5, па и повеќе мерни единици. Како на таков начин едно лице со дијабетес да биде сигурно дека ја зема вистинската потребна доза, дали на таков начин се води вистинска грижа за сопственото здравје“, прашува Јанева која е мајка на дете со дијабет.
Таа и останатите родители постојано апелираат и бараат бесплатни уреди за континуирано следење на шеќерот во крвта или таканаречени сензори, со кои децата со дијабет ќе можат да водат барем малку безгрижен живот како нивните врсници и ќе немаат потреба од постојани боцкања по уморните прстиња за мерење на вредностите. Гледајќи ја состојбата, вели Јанева, тоа останува само уште една нивна неостварена желба.
Солидарноста во тешка ситуација ги зближува пациентите со дијабет, но и нивните семејства
Во меѓувреме како и многу пати досега, дијабетичарите се снаоѓаат како што умеат и преку социјалните мрежи се организираат за да побараат, но и да понудат помош, за да не бидат ставени во ризик. Но и покрај тоа што функционираат сплотено, неажурноста на здравствените власти се одразува и врз менталното здравје на пациентите кои секој ден го поминуваат во неизвесност.
„Секако тоа има влијание како врз менталното здравје, так и врз физичкото здравје. Дијабетесот е сложена состојба која бара целосна посветеност, мир, навремено достапна терапија и средства за следење и контрола. Ненавремениот и несоодветниот третман на дијабетесот, во овој случај од недостигот на инсулин и квалитетни ленти и апаратчиња – глукомери за следење на состојбата за жал не оставаат позитивни ефекти кај лицата со дијабетес. Дијабетесот само по себе е сериозна состојба и ваквиот несериозен пристап без основните потребни нешта за правилно справување може да предизвика неповратливи компликации и на други делови од човековиот организам како што се кардиоваскулаторниот систем, бубрезите, очите, црниот дроб…“, објаснува Јанева.
За ваквите проблеми ММС пишуваше и пред две години, министрите во ресорот здравство се сменија, но не се одзваа на апелите и молбите од пациентите и нивните семејства да не ги ставаат во ваква незавина положба.
„Ние апелираме дека работите мора да се сменат, правилата на игра мора да се сменат,затоа што со овие бирократски процедури се загрозува квалитетот на животот на лицата со дијабет. Зборуваме за живот, не зборуваме за политики. Не зборуваме за нешто што можеме да го преговараме и разговараме, очекуваме дека новото раководство ќе има нов пристап во работата и дека ќе се покрене иницијатива за да се унапреди лечењето и да се спречат одредени болести, да има превенција повеќе и поквалитетни здравствени услуги“, заклучува Велев.
Јанева кусо порачува дека политиката мора да остане надвор од грижата за здравјето на граѓаните.
„Никој се нема стекнато со правото да си игра со судбината и нашето здравје. Понижувачки и крајно несериозно е за држава кандидат за членство во Европската Унија од една страна да нуди европски здравствен систем на хартија, а од друга страна граѓаните во 21-от век да молат и да бараат помош околу инсулин, ленти и глукомери по групи на социјални мрежи и да немаат можност да стигнат до достапен термин за преглед кај соодветен специјалист. Во Македонија има повеќе од 120.000 лица со дијабетес меѓу кои и околу 600 деца кои се оставани на цедило од страна на надлежните. Политичката припадност и гледишта, како и предизборните ветувања на кои сме сведоци пред секои избори во државата, кои паѓаат во вода денот кога ќе се седне на функционерското столче треба станат минато и вистински да отпочне грижата за здравјето на граѓаните“, потенцира Јанева барајќи вистински мерки со кои ќе се решат проблемите на лицата со дијабет.
Здруженијата и невладините организации кои ја следат ова проблематика вчеравечер соопштија дека според нивните информации, од денеска ќе почне дистрибуцијата на инсулинот кој недостигаше. Велат дека инсулинот од денес ќе го има во Скопје, а до вторник очекуваат да стигне во инсулинските депоа во градовите од внатрешноста.
На низата прес конференции кои ги одржаа изминатите години како дел од нивната борба за остварување на правото на подобра здравствена криза, пациентите побараа надлежните итно да донесат национален план за справување со дијабетес, да направат регистар на дијабетес за да се има официјална бројка на заболени во државата, но и поголема едукација за превенција од оваа болест, но здравствените власти не „смогнаа сили“ за да ја променат значително ситуацијата.
Вања Мицевска