Комуналните претпријатија кои се занимаваат со водоснабдување да си погледнат во сопствениот двор и да се обидат да бидат поефикасни во своето работење, а не трошоците да ги ставаат на грбот на граѓаните. Една фирма како ЕВН дистрибуција што го одржува се грижи за снабдувањето со струја на цела држава, има 1750 вработени. Додека, ако се соберат вработените во пет комунални претпријатија, ќе излезе од 3.500 – 4000 вработени.
Вака претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски објасни зошто оваа комисија при определувањето на најниска и највисока цена на комуналните услуги, како што е водоснабдувањето, се води само од оправданите трошоци. Водејќи се од ова, Бислимовски ги објави минималната и максималната цена на кубик вода за граѓаните на Скопје
-Постоечката цена на водата за домаќинствата е 31,87 денари. Со нашата одлука минималната тарифа предлагаме да изнесува 31,53 денари, што е минимално намалување и што се должи на фактот дека помошта што се дава со пониска цена на енергијата ќе продолжи да се дава и во наредните месеци. Додека 34,82 денари е максималната и е 9 отсто повисока од постоечката цена на „Водовод“ – Скопје, соопшти Бислимовски.
Овие цени ќе бидат доставени до „Водовод“, чиј Управен одбор ќе ги разгледа и ќе му предложи усвојување на Советот на Град Скопје. Како што објасни Бислимовски, по барањата на комуналните претпријатија се дискутира за зголемувања од 10 -20 – 30 денари.
-Ќе водиме сметка цените да бидат во рамките кои ќе можат да овозможат да не се политизира прашањето за цените на водните тарифи. Може да има намалување на цена и зависи од „Водовод“ и Советот на Град Скопје, а максималната ако се прифати ќе има зголемување. Сметам дека 29,3 денари или 30 денари не претставува никаков проблем за граѓаните, тоа е доколку се реши Водовод да се прифати максимална тарифа, изјави Бислимовски
До РКЕ уште неколку други комунални претпријатија имаат доставно барање за нови цени, како тие од Охрид, Кочани, Ресен и Дебар. За нив се работат анализи, по што РКЕР ќе ги утврди цените. Најголем проблем се високите трошоци за струја, што делумно се ублажени со поставувањето на фотоволтаици. Има уште неколку иницијативи од општините, како Центар и Радовиш, кои работат на отворање на дејност за производство на струја од фотоволтаици.
Бислимовски го истакна проблемот со загубите на вода, кои на државно ниво се 64 отсто. Тоа ек како што објасни да набавите 100 единици, 64 по пат да изгубите и пред потрошувачите да однесете 36. Бисмимовски препорача комуналните претпријатија да поработат на намалување на загубите, но и подобрување на својата ефикасност.
-Сите имаат зголемени трошоци, но треба да се испрати сигнал за да ја подобрат својата ефикасност. Не може товарот да се префрли на граѓаните и треба да си ја преземат одговорноста. Факт дека сите овие комунални претпријатија се превработени, рече Бислимовски.
Препораката на РКЕ е да ги зголемат инвестиции за да се намали процентот за загуби.