Годините не се пречка за да бидете физички активни. Тоа го потврдува и симпатичката бабичка од Земун, Антонија Џапа која има 82 години. Таа редовно вежба во теретана со помош на инструкторки и се труди да ги направи сите вежби, па ја „бие глас“ дека е највредна меѓу оние кои вежбаат таму. На секој тренинг задолжително доаѓа со црвен кармин.
Омилена вежба ѝ е возењето велосипед. Физичката активност е многу важна за повозрасните луѓе, а за старата популација се препорачува умерена физичка активност од околу 150 минути неделно.
Баба Антонија вели дека била физички активна уште во младоста.
„Сакам да поминувам време со вежбачите, се чувствувам прифатено како да сум на нивни години, атмосферата е пријатна, имам чувство како да сум дел од една голема фамилија“, истакнува таа.
Кога не е со внуците и правнуците сака да тренира, а нејзината инструкторка Ивана Недовиќ за неа има само пофални зборови.
„Антонија е вистинска мотивација за сите оние кои тврдат дека немаат време или енергија да вежбаат. Нејзините тренинзи се прилагодени на нејзината здравствена состојба, но и на нејзината возраст, но се трудиме да бидат интересни“, објаснува таа.