Слабата туристичка промоција на земјава е главниот „виновник“ поради кој македонските природни убавини не се ценат доволно – вели во интервју за ММС, скопајнецот Спасе Манев (32).
Себеси се опишува како амбициозен човек кој секогаш е со оптимистички став, расположен за муабет и стремејќи се кон нови работи. Но него го знаат и по желбата за патување, истражување и откривање на некоја нова пасија. Неслучајно омилениот училишен предмет му била географијата, за денес веќе да има и лиценца за туристички водич.
Со Манев разговараме за домашните природни убавини, за нивното уништување од страна на несовесните граѓани, но и за патувањата надвор од Македонија.
На социјалните мрежи редовно објавувате фотографии и видеа од македонските природни убавини. Кој е Вашиот впечаток за тоа колку луѓето ги ценат природните убавини во својата родна држава? Дали можеби ги потценуваме нашите места кога треба да заминеме на прошетка, викенд или одмор, па секогаш изборот паѓа на места во земјите од регионот?
-Мојот личен впечаток е дека, за жал, нашите природни убавини не се ценат доволно, односно повеќе се ценат природните убавини во соседните и подалечните држави, отколку кај нас во Македонија. Тоа не е така дека немаме што да понудиме, туку тоа е поради слабата туристичка промоција на земјава и народот не ги знае доволно убавините на Македонија, па за време на викендите и потоплите месеци, наместо да се истражуваат местата низ Македонија, повеќето Македонци истражуваат во соседството.
Ако Ве прашаме кои места сметате дека се најубави во Македонија, веројатно нема да го изоставите Охрид од одговорот, но кажете ни поконкретно – според Вас кои се најубавите места во земјата, кои се и највредни за посета?
-Како и на повеќето Македонци, така и на мене, Охрид ми е едно од омилените туристички места и градови во Македонија. Пред сѐ, поради тоа што е покрај вода, а јас сакам места покрај вода. Има градови во Македонија што можат да бидат одлична туристичка дестинација во рангот на Охрид. Тука би ги издвоил Кратово и Крушево. Сепак јас најмногу претпочитам споменици на природата и места како водопади и пештери. Иако многу пати ги имам споменато на социјалните мрежи, мислам дека местата како Кокино, Камените кукли Куклица, Цоцев Камен и подземните тунели во Кратово се многу неинтересни за македонскиот народ и за жал, овие места се повеќе посетени од странските туристи отколку од домашните. Тоа се едни од моите омилени места, а некои од нив сум ги посетил неколку пати досега.
Сметам дека на местата како што се овие, треба повеќе да им се обрне внимание и повеќе да се посетуваат, бидејќи во странство, токму овие места најмногу се посетуваат од туристите.
Вие сте завршиле туризам, од неодамна сте и лиценциран туристички водич. Дали веќе работите како водич, може ли да се живее од оваа работа и кои се предизвиците во оваа професија?
-Бидејќи сум ,,тазе” туристички водич, сѐ уште официјално не сум почнал да работам како таков. Секако дека е исплатлива оваа работа, но пред сѐ треба да се вложи многу труд и познавање во областа на туризмот за да се стане туристички водич. Треба да го сакате и добро да го познавате туризмот за оваа работа, треба добра организираност и голема одговорност, кои се најважните работи.
Според Вас, кои се оние убави места во Македонија за кои многу малку се знае или не се знае воопшто?
-Места за кои воопшто не се знае или кои сѐ уште не се доволно истражени, во Македонија има премногу. На пример, пештерите се најмалку посетени, иако ги имаме премногу. Водопадите, освен тие што се веќе познати како Дуфски, Смоларски и Колешински водопади, се исто така ретко посетени. Ги имаме Кочулски водопади, Пехчевски водопади, Габровски водопади, водопадот Скокот, водопади Камењане, Џуџевски водопади, водопад Син Вир, водопад Дебел Рид, Беловишки водопад, кои скоро се и непознати за домашните туристи, а можат да станат голема туристичка атракција.
Во соседството селскиот туризам зема голема замав и е во голем подем. Имаме одредени села како Вевчани, Лазарополе, Галичник, Трпејца, Пештани, кои се многу посетени, но имаме и села како Брајчино, Љубојно, Гари, Смилево, Папрадиште, Глуво, Серменин, Зрновци, Петрово, Белица (Поречко), Тресонче и сл. за кои некој и воопшто не ни слушнал, а се исто убави како најпосетените села во Македонија.
Многу Македонци воошто не знаат дека во Македонија има мочуриште кое служи како туристичко место, но за жал е ретко посетено. Моноспитовско блато е единственото мочуриште во Македонија, а многумина и не знаат за него. Во Македонија имаме место кое се вика Јудови ливади, а таму постојат растенија кои се хранат со инсекти, место кое исто така е туристичка атракција, но малку луѓе знаат и го посетуваат ова место. Ја имаме бањата Цапа во Дебарско, но незнаејќи за неа, скоро повеќето Македонци ги посетуваат бањите во соседството. Планината Кожуф е планина која е многу малку истражена и крие многу тајни и места кои би можеле да прераснат во туристичка атракција.
Дали се потребни многу пари за да бидеме домашни туристи? Какви совети и препораки би им дале на оние кои сакаат да шетаат без да трошат многу пари, во што е „тајната“?
-Дел од македонскиот народ, за жал, повеќе пари троши во рестораните и кафулињата, отколку во истражување на убавините на својата земја. Доколку тој дел од Македонците, кафанскиот живот би го замениле со авантуристичкиот, Македонија би ја направиле подобра туристичка дестинација, како за нас Македонците, така и за странските туристи. Не е потребно многу финансии за шетање и истражување. Само е потребно желба и љубов кон туризмот и откривањето на нови дестинации.
Многу од луѓето, барем повеќето од тие што јас ги познавам и ги гледам по социјалните мрежи, шетањето го комбинираат со рестораните, што според мене е лоша комбинација и јас многу ретко ја практикувам. За тоа е потребно многу повеќе финансии, но може да се направи и со малку пари, без посетување на кафаните и рестораните, а храна и пијалоци да се носи од дома, како што се моите случаи на патувања. За тие што сакаат да шетаат и притоа да не потрошат многу пари, ова е идеалната комбинација.