Уставниот суд на денешната седница го укина членот 22 од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица, со кои до сега се исплаќаше апанажа на функционерите. Судот оценил дека оваа одредба не е во согласност со владеењето на правото и членот 8 од Уставот.
Со оглед на тоа дека Уставниот суд не го поништи туку го укина членот 22, тоа значи дека одлуката нема да важи ретроактивно. Со други зборови, четворицата министри и заменици министри кои си дадоа оставка, ќе можат да примаат апанажа доколку побараат.
Оспорувањето на Законот е адвокатот Глигорие Ќатовски од Струга, кој поднел иницијатива за повеќе членови. Меѓутоа, Уставниот суд на 7 декември одлучи да поведе постапка и изрази сомнеж во уставноста на членот 22 од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија.
-Во членот за кој е поведена постапка (популарно познат) е предвидено дека пратеник, функционер и раководен работник кој поднел оставка или е разрешен од должноста пред истекот на времето за кое е избран, именуван или назначен, ги има правата на остварување на плата по престанувањето на функцијата. Лицата додека го остваруваат правото на плата, имаат право и на надоместок за користење на годишен одмор, според став 2 од членот 22 од Законот, соопшти Уставниот суд.
Со денешната одлука, Уставниот суд смета дека со фактот дека некој функционер е разрешен или поднел оставка, повлекува одговорност со вршењето на доверената функција и паричниот надоместок не е во согласност со тоа.