Белиот и полубелиот леб од утрово поевтинија на 33 денари, но рафтовите во маркетите останаа празни.
Пекарите, иако вчера најавија дека ќе го кажат решението откако одлуката на Владата додека да излезе во службен весник, сепак, утрово не испорачаа бел и полубел леб.
ММС направи обиколка низ маркетите во Скопје, разговараше и со вработените во маркетите и со купувачите.
-Како што ни беше речено од дирекција, ние ги намаливме цените. Но, утрово не дојде леб. Граѓаните купуваа од оној што остана од вчера, бидејќи и рокот на траење му е два дена. Или кифлички, утрово сите кифлички ни се продадоа, велат од еден маркет.
Граѓаните зачудено гледаа по празните рафтови, особено пензионерите, кои се најзагрижени, односно пензионерите се тие кои оваа одлука најмногу ги погодува, бидејќи тие се најголемите потрошувачи на овој вид леб.
-Леб купувам само за мене и соругата, бидејќи децата не го јадат белиот. Добро е што Владата одлучли да ја намали цената, бидејќи пекарите претераа со цените. Бараат да ги потрошат залихите па да ја намалат цената, а што не почекаа да ги потрошат залихите кога се поскапуваше, туку на старите залихи ги зголемија цените, вели еден пензионер, кој место леб купи кифлички и тортиља.
Зачудени граѓани и вработени беа и во другите маркети. Велат нема лутина кај граѓаните, бидејќи сакаат да се намали цената.
-Утрово само една приватна пекара донесе леб и тој веднаш се продаде. Немаме ниту од „Жито лукс“. Имаме муштеријка која работи во „Жито лукс“ и која ни кажа дека не се на работа. Ние ги намаливме цените, ама за џабе кога нема леб, ни рекоа од маркетот.
Во еден од познатите маркети, пак, вработените рекоа дека од дирекција им било речено и да донесат леб, да го вратат.
-Не сме ставиле нови цени се уште, бидејќи нема леб. Од дирекција ни рекоа и да донесе некој од приватните пекари да го вратиме, бидејќи тој ќе ни го донесе лебот по поскапата цена, а ние треба да го продаваме по намалената и ќе бидеме во загуба, велат вработените.
Во сите маркети сликата со купувачите е иста. Граѓаните ги заобиколуваат рафотвите со леб и се снаоѓаат со замена.
-Од утрово ги искупија лебот за тост, бидејќи тој им подолг рок на траење. Ние соработуваме со две пекари и утрово тие не дистрибуираа леб. Тој што остана не сме го вратиле бидејќи не донесоа нов за да го земаат стариот, ни рекоа од маркетот, кој утрово продавал леб од свое производство.
Поради оваа ситуација во сите маркети се слоѓни дека од утре ќе почне да има навалица од купување брашно.
-Оваа состојба ќе придонесе да се зголеми потрошувачката на брашно. Тоа гарант ќе се случи од утре или задутре, ако и понатаму не се дистрибуира овој вид леб. Ќе биде како со тоалет хартијата за време на корона. Сите навалија на купување тоалет, а тоа придонесе да се зголеми цената на тоалет хартијата, која и до ден денес не се симна. Сега ќе го поскапат и така поскапеното брашно. Ако нема леб ќе купуваат брашно да месат, велат вработени во маркетите.
Кај лугето со кои разговаравме, а претежно пензионери нема вознемиреност дека ќе нема леб.
-Ако нема ќе си месиме, што е страшно. Нека му ја мислат тие што не знаат да месат и што зависат од купување. А сметам дека оваа ситуација не е толку многу вознемирувачка, бидејќи навистина пекарите претераа со цените, рече пензионерот за ММС и додаде:
-Се сеќавате ли како велевме пред неколку години? „Ние сме лудаци, немаме пари за леб, а јадеме чоколадо“. Е сега е слично. Нема да јадеме бел, ќе јадеме кифлички, тостерки, ќе месиме, ќе се снаоѓаме. Тешко на тие што не знаат да месат, ама тие и вака и така не јадеа бел леб, туку купуваа од поскапите лебови, со зрна. Тоа е нема ред. Во ваква држава не треба човек ништо да го изненадува, додаде тој.
(В.М.)