Македонското високо образование го доби првиот дипломски труд напишан на Брајово писмо, а за тоа е заслужна студентката, Беира Салифоска која неодамна дипломираше на Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет во Скопје.
Оттогаш честитките и восхитот не престануваат, а оваа млада жена докажа дека со упорност соништата може да станат реалност. Беира е со сто проценти оштетен вид и неслучајно се одлучила да студира Специјална едукација и рехабилитација бидејќи сака да им помага на децата со попреченост.
А како стасала до овој успех и како е да се студира кај нас кога сте лице со попреченост, кога и самата инфраструктура не ви оди во прилог за да стигнете до факултетот, Беира искрено раскажа за Македонски медиа сервис.
Во мноштвото лоши вести, денес ви носиме една топла приказна која ги спојува скромноста и неуморноста.
„Јас имам 32 години, но сега дипломирав затоа што подоцна се запишав на факултет. Најголем мотив да дипломирам ми беше желбата да им помогнам на дечињата со оштетен вид, врз основа на моето животно искуство, но и стручното знаење“, вели Беира.
Според неа, со оваа професија со сигурност може да се најде работа во невладиниот сектор, но таа би сакала да работи во Училиштето за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, каде всушност самата завршила и основно и средно образование.
Во интернат од седумгодишна возраст, во „потрага“ по животни вештини
Беира доаѓа од Пласница, мала општина близу Македонски Брод. На седум години дошла во Скопје каде престојувала во интернат. Иако на моменти со оглед на малата возраст, ѝ било тешко што е далеку од семејството, таа со радост се сеќава на училишните денови во кои со своите соученици заедно совладувале животни вештини.
„Ние меѓу себе си помагавме, но ни помагаа и воспитачките и негувателките, па и дел од професорите се издвојуваа и се вложуваа во нас. Во клас бевме по пет-шест деца. Таму на седум години го научив Брајовото писмо. Со текот на образованието се менуваа програмите, но во принцип ги имаше книгите на Брајово писмо“, вели Беира.
Таа била дел од првата генерација на младинци со оштетен вид кои можеле да изберат средно стручно образование за физиотерапевт. Благодарение на ваквиот избор, Беира веќе 15 години работи во Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација во Козле.
„Работата ја сакам, тоа е местото каде што заработувам, но е напорно. Имаме многу пациенти на дневно ниво, но јас сум задоволна колку и да ми е тешко. Од колегите сум прифатена многу добро, со сите контактирам, некои ми се поблиски и беа сега на дипломската“, споделува таа.
А со оглед на секојдневната работа од по осум часа, студирањето за Беира било вистински предизвик.
„Кога одите некаде повторно да учите после толку долго време, навистина е тешко да се навикнете. Имав потешкотија околу книгите бидејќи ги немаше на Брајово писмо па морав да ги учам преку аудио верзија во електронска форма. Повеќето беа достапни со електронска обична форма која си ја чита самиот говорен програм. Јас цел живот сум читала Брајово писмо и бев научена на тој формат. Ми беше тешко да научам да слушам и да учам. Тоа ми беше тешко и ми требаше долго време за да се навикнам. Многу пати слушајќи ги пишував книгите на Брајово писмо, но како поминуваа годините ми се олеснуваше процесот и се навикнував. Едноставно немав ни време и напорно беше“, додава Беира.
Вели дека материјалите за учење треба да бидат достапни и за студентите со оштетен вид, но пред сѐ мора да се подобри инфраструктурата.
„Јас бидејќи сум вработена кога одев до факултет морав да организирам некој да ме однесе, па да ме врати, а не смеев да дозволам пациентите да ме чекаат. Морав тоа набрзина да го правам. Пак имаме проблем како да се стигне до факултет. Треба да ги имаме книгите во електронска верзија, но би било убаво да има материјали и на Брајово“, смета Беира.
Таа признава дека многу пати дури помислила и да се откаже, но нејзиниот личен асистент Димче бил до неа за да ѝ пружи рака по таквите „падови“.
Димче е нејзин асистент повеќе од три години. Се грижи за плаќањето на сметките и за пазарењето на храната, а Беира за него вели дека ѝ е како „дар од Бога“.
„Тој ми помага, а и двајцата сме авантуристи. Ми помага со плаќање сметки, пазарење. Претходно јававме коњи, одевме на одмор во Охрид, излегуваме по кафичи или кафеани, ми помага во социјалниот живот и ми е голема потпора. Секако тука е и неговото семејство“, посочува Беира. Авантуристичкиот дух го има уште од мала и низ смеа вели дека кога била дете правела работи, кои од денешна перспектива и не се толку безбедни.
-Јас имам еден брат и четири сестри. Порано игрите беа различни, си игравме надвор, јас многу сакав да ме возат со трактор родителите кога одеа на нива. Многу бев „пргава“, се качував на дрво, играв ластик. Правев работи кои сега кога ќе размислам не биле безбедни. Јас и сега се качував на карпа, во принцип сум авантурист и сакам нови работи – додава Беира.
Нејзиниот вид е сто проценти оштетен, но вели дека до својата деветта година гледала до два-три отсто. Благодарение на тоа има барем мала претстава како изгледаат боите и како изгледа светот, но вели дека во државата треба да има повеќе едукатори за ориентација и мобилност кои би работеле со дечињата со оштетен вид.
Повеќе од очигледно е дека Беира е голем екстроверт, таа вели дека не сака да е сама, но кога е тогаш се труди времето да го помине продуктивно. Љубител е на руските класици, но и на добра музика.
„Кога бев ученичка многу мал дел од книгите беа во аудио верзија. Во средно имавме малку проблем, но ги пишувавме лекциите. Технологијата е напредната, а јас се чудам како порано имаше многу повеќе книги во аудио верзија. Порано на магнетофон слушав романи во аудио верзија снимени од спикери, јас уживав да ги слушам. Дел од нив се дигитализирани, тоа што можеше да се спаси го спасија, но зависи и од луѓето. Многу сакам и музика, но дома слушам поразлична музика од таа во кафеана. Од нашите пејачи го издвојувам Тоше Проески“, ни сподели Беира.
Таа сака да патува и неуморно да истражува, па ни сподели дека сама со авион често патува и до Германија каде што живее нејзиниот брат. До работното место пак, оди сама со бело стапче, или понекогаш ја носат колегите со автомобил. Сепак, за скопскиот јавен превоз, но и за улиците, вели дека се катастрофа бидејќи нема звучна сигнализација која би го направила побезбедно движењето за граѓаните со оштетен вид.
На вакви предизвици пред неколку месеци посочија и граѓанските организации за слепи лица и лица со оштетен вид. Тие организираа протест преку кој од надлежните побараа звучна сигнализација на семафорите, повеќе аудио книги и учебници и помагала на товар на државата, за поголема самостојност на овие граѓани.
Вања Мицевска