Вчера вечерта ги изгласаа, а денес веќе е направено примопредавање на минситерските места.
Во просториите на Министерството за здравство, беше извршено примопредавање на должноста министер за здравство. Новиот министер, д-р Фатмир Меџити ја презеде функцијата од д-р Беким Сали.
-Чест ми е што сум именуван за нов министер за здравство. Денес имав продуктивна средба со поранешниот министер д-р Сали, решен сум да ја продолжиме важната работа за унапредување и заштита на здравјето и благосостојбата на сите наши граѓани, рече министерот Меџити.
-Мојот фокус како министер за здравство ќе биде нашиот здравствен систем да биде достапен, ефикасен и да ги задоволува потребите на сите граѓани. Ќе работиме на промовирање здрав живот и ќе обезбедиме ресурси и поддршка за превентивна нега, така што секој ќе има можност да води поздрав живот.
На средбата со неговиот претходник, министерот Меџити посочи дека инвестирањето во здравјето на нашите граѓани е од суштинско значење за градење здраво општество и останува посветен на соработката со здравствените работници, засегнатите страни и лидерите на заедницата за да ги постигнеме нашите заеднички цели.
-Ви благодарам за довербата и со нетрпение очекувам да ви служам во оваа важна улога, рече министерот Меџити.
Денеска и во Министерството за правда се изврши примопредавање на функцијата министер за правда помеѓу досегашниот и новоименуваниот министер, Никола Тупанчески и Кренар Лога. Тупанчески му посака на Лога успешна работа, реализација на голем број проекти и успех во функционирањето на Министерството за правда. Министерот за правда, Кренар Лога, му се заблагодари на Тупанчески за неговиот досегашен придонес и најави реформи во сферата на правосудството и засилување на борбата против криминалот и корупцијата.
Денеска во просториите на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) се одржа свечено примопредавање на должноста помеѓу досегашниот министер Адмирим Алити и новоименуваниот министер Азир Алиу.
Во срдечна атмосфера, си посакаа многу успех и ефикасно справување со предизвиците кои претстојат во ресорот.
Новиот министер, Азир Алиу истакна: “Моите претходници започнаа некои навистина значајни процеси и проекти во областите како што се дигитализација, сајбер безбедност и развој на информациски и комуникациски технологии, кои заедно со новите проекти што ги подготвуваме со мојот тим, очекуваме значајно да влијаат на подобрување и позитивна трансформација на целокупниот ИКТ еко-систем во Република Северна Македонија. Силно верувам дека со многу работа, упорност и одговорност, можеме да постигнеме резултати со кои ќе бидат горди сите наши сограѓани.”
Новиот министер, Азир Алиу е интернационален експерт во областа на информатичките технологии и образованието, со повеќе од 20 години работно искуство во приватниот и академскиот сектор, реализирајќи над 100 различни проекти во области како дигитална трансформација, развој на стартап екосистеми, вештачка интелигенција и машинско учење.
На должноста министер доаѓа од позиција на универзитетски професор на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово на факултетот за Компјутерски науки и технологија.