Кристијан Лукаров сними новата песна и спот за „Скопска“.
Песната е правена во манир на староградска балада, емотивна приказна поврзана со боемштината и некогашните боеми, а комплетен автор (музика, текст и аранжман) е Кристијан.
Видео записот го потпишува Бранко Попчевски, камера е на Никола Китановски, продукцијата на студиото САН АРТ, а главната улога ја има Ѓокица Лукаревски.
„Скопска“ е топла, нежна балада што ќе ви го допре срцето и ќе ве потсети на најдрагите.
Кристијан во себе има сочувано спомени за боеми, тие му се постојана инспирација: целиот живот е во и со музиката, свири од 15 години, има завршено Музичка академија, неколку настапи на Лешочки фестивал и Валандовски фолк фест, работи како музички педагог, а во целата приказна за боемите и гените имаат вмешано прсти.
Таткото на Кристијан, Миле Лукаров, на пошироката јавност познат како дел од групата „Урнебес“ беше музичар и боем во вистинска смисла на зборот. Неговата „Боемска балада“, омилената на Кристијан, доби Гран При на Серенада на Широк сокак во Битола во 2002 година.
-Во годините на созревањето бев навлечен на џез, препознатлив преку „Боемска рапсодија“ на Квин и сакав да се докажувам – вели Кистијан и додава:
„Татко ми постојано велеше: напиши едноставна, а моќна песна. Таму е убавината. Многу години подоцна сватив дека е во право.“
По се изгледа „Скопска“ е токму таква песна- моќна во искреноста, каде авторот со длабоката почит кон боемите се потпишува со точност во секој збор и секоја нота.
„Скопска“ за Кристијан значи ново музиичко поглавје и е најава за албумот што ќе се случи годинава.