Општина Штип минатата година штипските спортисти ги поддржа со 15 милиони денари.
Само три женски спортски клубови (ракометен, кошаркарски и одбојкарски), побарале и добиле поддршка од вкупно 660.000 денари. Спортистки има и во карате, бокс, кик-бокс, борење и пинг-понг, но тие поддршката ја добиваат во рамки на своите клубови, кои аплицирале и добиле одредена сума на пари, велат од Комисијата за спорт.
Како е да се биде спортистка во Општина Штип, дали поддршката што ја добиваат од општината е доволна и што се прави за унапредување на состојбата во услови кога најголемиот колач од финансиската поддршка го добиваат машките спортски екипи?
Каратистката Бојана Манева, оваа година за прв пат ја доби плакетата за најуспешна спортистка. Тоа е категорија којашто по сугестија на Комисијата за еднакви можности е воспоставена во рамките на манифестацијата ,,Спортист на годината“.
„Се надевам дека воведувањето на едно вакво признание од локалната заедница на еден начин ќе ги мотивира девојчињата да не се откажуваат од спортот, зошто факт е дека во повозрасните години, процентот на откажување од спортот е многу поголем кај девојчињата отколку кај машките,“ вели Манева.
„Во рамките на мојот Карате клуб Штип, тренираат и мажи и жени. Тука имаме и ни се даваат еднакви можности, но кога станува збор за поддршката од локалната заедница очигледено е дека поголема поддршка добиваат екипните, а не индивидуалните спортови, или реалната состојба е дека од 15 милиони денари, речиси 9 милиони добива Ф.К Брегалница, а остатокот го добиваат сите останати. Тука е и фактот што индивидуалните спортови реално имаат многу поголеми успеси, тие се носители на медали од балкански, европски и светски натпревари,“ додава Бојана.
Радмила Јованова е ултрамаратонка која за 2022 година ја доби наградата за спортски подвиг за нејзиното учество на трката ,,Ултра Доломати“ во Италија, смета дека можностите за развој на спортот се еднакви, и кај мажите и кај жените.
„Не гледам причина зошто локалната заедница би правела каква било поделба во овој поглед. Повеќе сметам дека има поделба во поглед на тоа во кој и каков спорт локалната заедница вложува, отколку дека има родова поделеност,“ вели Јованова.
„Спортот, особено ако се занимавате професионално, или дури и полупрофесионално, и ако целите кон одредени резултати, несомнено бара голема жртва, откажување од многу други работи и сериозна посветеност. Имајќи предвид дека живееме во општество во кое од жената се очекува да биде повеќе присутна во домот, семејството и особено кујната, морам да признаам дека времето вложено на една жена во спортот, многу зависи од поддршката што ја има од околината,“ додава Јованова.
Во 2022, само три женски екипи добиле финансиска поддршка
Комисијата за спорт при Советот на Општина Штип, во чиј состав нема ниту една жена се грижи за распределба на спортскиот денар.
„Во 2021 година, Комисијата за спорт воведе Правилник за распределба на средствата со утврдена методологија по која што ќе се водиме при распределбата на средствата наменети за поддршка на спортот во општината. Се прави ранг-листа според начинот на кој се финансирале апликантите во изминатите три години, каде тренираат, дали се натпреваруваат во лига и членуваат во соодветната федерација, дали се во системот на лига на натпревари, дали имаат постигнато одредени успеси и какви, дали имаат пионерки и младински школи или се само на тренажен процес, популарноста на спортот…“ образложи претседателот на Комисијата за спорт Дејан Здравков.
Минатата година аплицирале 27 спортски екипи и сите добиле финансиска поддршка, затоа што ги исполнувале условите. Факт е дека од 15 милиони денари 8,8 милиони денари добива Ф.К Брегалница, останатата сума ја поделија 27 екипи, а со финансиски средства се поддржуваат и спортски манифестации коишто традиционално се одржуваат во општината.
„Така е затоа што Општина Штип е сопственик на Ф.К Брегалница со 49%, додека 51 % е во сопственост за штипскиот бизнисмен Кирил Гогов. Според договорот направен во 2019 година, Општина Штип, останува со обврската секоја година да издвојува за овој клуб, а сумата зависи од лигата во која игра екипата, во втора лига по 6 милиони, во прва по 8,8 милиони денари,“ образложи Здравков
За 2022 година само три женски екипи добија финансиска поддршка: ЖКК „Тим Арена“- 200.000 денари, Женскиот одбојкарски клуб „Младост“ и Р.К „Астибо“-360.000.
Здравков вели дека финансиска поддршка се дава за екипите коишто аплицирале и дека голем број клубови коишто добиле средства во своите редови имаат, и мажи и жени спортисти. Девојки тренираат карате, бокс, кик-бокс, борење, пинг-понг. Тие поддршка добиваат во рамките на своите клубови. Многу од нив поради помалиот интерес не се во можност да формираат екипи и тие да се натпреваруваат во соодветните лиги.
Никица Трендова како талентирана фудбалерка тренира во Ф.К Брегалница, игра за фудбалски клуб во Прилеп, но и за македонската репрезентација
Шеснаесетгодишната Никица Трендова е талентирана фудбалерка, којашто поради немањето женска фудбалска екипа во Штип е принудена да ги брани боите на фудбалски екипи надвор од општината, пет години за Тиверија од Струмица, а од пред некој месец игра за фудбалски клуб од Прилеп. Таа игра и за македонската фудбалска женска репрезентација.
„Додека бев во фудбалската школа Мал Ајакс, трениравме заедно и машки и женски, но поради малиот број на девојчиња, немаше можност да се формира екипа за да се натпреваруваме во лига. Неколку девојчиња почнавме да играме и да се натпреваруваме во Ф.К Тиверија. Сега од пред некој месец играм за клуб од Прилеп, но тренирам во Ф.К Брегалница. Многу го сакам фудбалот. Многумина ми велеа дека тоа не е спорт да девојчиња, но еве јас со мојата игра и успеси го докажувам спротивното. Многу е тешко сето ова да се организира, но љубовта и желбата се преголеми. Имам и голема поддршка од семејството. Сега и да се формира женска фудбалска екипа во Штип, таа нема да биде на мое ниво, бидејќи јас веќе имам доста напреднато во кариерата,“ вели Никица.
Никица смета дека локалната заедница може да придонесе за поддршка на овој спорт, со креативни презентации меѓу учениците, но и за нивните родители за тоа колку е добро да се спортува и дека фудбалот може да го играат и девојчињата, и секако да бидат успешни и во овој спорт.
Тренерот на Мал Ајакс, Влатко Манев, вели дека во школата тренирале многу талентирани девојчиња, фудбалерки, меѓутоа интересот е мал и дека тоа не е доволно да се формира екипа, а заради тоа не се во можност и да бараат финансиска поддршка од локалната заедница. Во едно од штипските основни училишта преку проект на ФФМ, 22 ученички тренираат фудбал.
„ Се надевам дека ќе се создадат услови, а и интерес, па некои од овие девојчиња ќе сакаат да бидат дел од една идна фудбалска екипа,“ додава Манев.
Повеќе бодови за финансирање за клубовите кои имаат женски екипи
Комисијата за еднакви можности се обидува во програмата за спорт да дава насоки како да се подобри учеството на жените во спортските активности, било да станува збор за училишниот спорт, било во спортските клубови.
„Од оваа година освен што воспоставивме нова категорија – Најуспешна жена спортист во рамките на манифестацијата ,,Спортист на годината“ , во правилникот за рангирање на спортските клубови за финансиска поддршка од општината, повеќе бодови добиваат клубовите коишто имаат женски екипи,“ вели координаторката за еднакви можности Снежана Санева.
„Поддршката ја даваме и на друг начин. Во рамките на активностите на општината на полето на еднаквите можности за 2022 година, со поддршка од 96.000 денари, невладината организација ЕХО доби проект за организирање вежби во природа и во затворен простор, со цел ослободување од стресот на самохраните мајки, во период од 4 месеци,“ образложи Санева.
„Преголемата изложеност на стрес во врема на пандемијата кај вработените жени, ја наметна потребата од организирање вежби за ослободување од стрес во природа. Многу голем напор и енергија вложив овој проект да се прифати. Мислам дека сме единствена општина која што организира една ваква програма и за тоа да добие средства,“ вели претседателката на НВО ЕХО, Бети Пеева.
Изготвена е и програмата и распределени се средствата за еднакви можности и за 2023 година.
Невладината организација ЕХО, продолжува со проектот за ослободување од стресот преку вежби, само што сега ќе бидат опфатени околу 40 жени коишто се соочуваат со такви проблеми. За овие активности ќе бидат издвоени 108.000 денари. Ќе биде финансиран со 24.000 денари и проектот на КБК Гладијатор за обуки за самоодбрана за жени и девојчиња.
Женскиот спорт е несразмерно помалку финансиран и на државно ниво
Се прави една од најголемите неправди кога станува збор за достапноста на финансиска поддршка за спортистките од локалната заедница, смета претседателката на Комисијата за родова еднаквост при Олимпискиот комитет, Силвија Митевска.
„Спортистките или спортот во женска категорија е несразмерно помалку финансиран од државен буџет како и од приватни спонзори. Ова е особено изразено на локално ниво каде за жал, негативна практика е општината речиси целокупниот буџет да го доделат на машки спортски клубови. Истата практика се гледа и при распределба на стипендии и други видови на поддршка каде како субјект на поддршката доминираат спортистите,“ вели Митевска.
Според неа состојбите се менуваат , но ќе треба уште многу да се работи.
„Мојата цел беше јавно и гласно да се разговара за родовата нееднаквост во спортот. Долго време спортот е маргинализиран во нашето општество, а родовата нееднаквост беше табу тема за која ретко се разговараше во јавноста. Создадовме критична маса на луѓе кои увидоа дека спортот не е еднакво поле за напредок и многу ми е драго што се поголем број млади спортистки ни се приклучуваат кон оваа кауза. Но, она што е исклучително важно е да ни се приклучат, и спортистите и сите мажи вклучени во спортскиот сектор, зашто родовата еднаквост не е само женско прашање, туку треба да биде приоритет на целото општество,“ додава Митевска
Спортистките да се вклучат во локалните спортски политики
На објавениот јавен повик за поддршка за спортските клубови во Штип за 2023 година се пријавиле дури 40 екипи за разлика од 2022 година кога имало 27 .
„Деновиве ги отворивме апликациите и на следните седници на Комисијата за спорт врз основа на утврдениот правилник ќе треба да се направи рангирањето за утврдување на сумите за сите поединечно. Според она што е побарано, станува збор за сума од речиси 30 милиони денари во услови кога од општинскиот буџет за 2023 ќе се издвои истата сума како и минатогодишната 15.000.100 денари,“ образложи Дејан Здравков претседателот на Комисијата за спорт, инаку и член на Комисијата за еднакви можности.
Здравков вели дека многу од спортските клубови се нереални во своите барања.
„Општина Штип дава поддршка за развој на спорт, а не е партнер или спонзор на спортските клубови,“додава Здравков.
Колку од женските спортски екипи, спортистки и рекреативки ќе добијат поддршка за оваа година од локалната зедница, одлучуваат советниците.
Таа како претседателката на Комисијата за родова еднаквост при Олимпискиот комитет смета дека потребно е да се интегрира родовата перспектива во сите програми на локалната власт, со цел политиките да бидат родово-сензитивни и балансирани и да одговорат на потребите на целокупното локално население.
Весна Крстева
Фото: Приватна архива