Пред десетина дена до Државната комисија за борба против корупцијата (ДКСК), поднесена е пријава, во која се бара проверка на имотот на првиот вицепремиер, Артан Груби. На предметот се работи и како што кратко потврдија од Антикорупциска.
-По предметот се постапува и штом ќе имаме конкретни информации, ќе ги споделиме со јавноста. Од Владата често велат дека не се истражен орган, но имаат етички кодекс по којшто треба да постапуваат. Препораките што ги даваме до Владата, посебно до вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, се дека според етичкиот кодекс тие можат да делуваат. Има слабости и злоупотреби, но ние немаме механизми за натамошно делување, велат од ДКСК.
Проверката на имотот од Антикорупциска, доаѓа по речиси секојдневното изнесување на податоци од страна на опозициската ВМРО ДПМНЕ за имотната состојба на Груби и неговото семејство. Партијата изрази сомневање дека се работи за корупциски зделки, изнесувајќи го податокот дека братот на Груби купил дуќан во Скопје за 700 евра, додека пазарната цена се движи до 3000 евра.
Од ВМРО ДПМНЕ излегоа со тврдење дека вицепремиерот Груби дури се јавувал во Јавното обвинителството со цел, како што соопштија, да спречи да се отвори истрага против него.