Трошат време, енергија и значителни финансиски средства за да дојдат до диплома која на крај завршува во фиока, па често бараат работа надвор од нивната струка.
Младите кои дипломираат на Институтот за семејни студии при Филозофскиот факултет во Скопје се невидливи за државните институции.
Тие и нивните професори пред две години преку петиција побараа да се измени Законот за социјална заштита во кој е направен привид, бидејќи профилот семејнолог отсуствува од членот 197 којшто ги предвидува категориите на работни места на вработените во јавните установи за социјална заштита. И покрај бројните потписи, поддршката од јавноста и средбите со надлежните, ситуацијата не се промени, па овие кадри велат дека се разочарани.
Една од нив е и битолчанката Елена Михајловска (26) од Битола која била дел од првата генерација студенти запишани на Институтот за семејни студии. Иако во 2014-та година се запишала со големи амбиции, таа во текот на студирањето изгубила волја и мотив па дипломирала ланската година, а сега работи во приватна осигурителна компанија. Сите врати на кои тропнала ѝ биле затворени.
„Ни беше ветено дека ќе бидеме вработени, дека ќе имаме добро работно место и дека ќе си заработуваме за живот, но ништо од тоа не се оствари. Во текот на студиите стапивме во контакт со повеќе министерства околу нашиот статус во оваа држава, околу профилот кој го носиме – семејнолог, но институциите ништо поконкретно не презедоа. Законот за социјална заштита требаше да биде уреден досега и веќе да стапи во сила. Некои ни кажуваа дека ќе бидеме исто како социјалните работници, дефектолозите и психолозите и поради тоа не сакаат да го уредат нашиот статус. Други ни кажуваа дека ќе прават реформи и дека ќе бидеме вработени, но ништо од ветувањата ние не видовме“, објаснува Елена за ММС.
Се обидела да се вработи во градинки, училишта и семејни советувалишта, но сето тоа било безуспешно.
„Се обидов да се вработам и во приватниот сектор и кога ме прашаа зошто доаѓаш тука, јас реков дека сум семејнолог и сметам дека најдобро одговарам за позицијата. Значи тоа беше во детска градинка и ми рекоа дека евентуално би ме примиле како воспитувач или негувател, но не и како семејнолог. Потоа не ме побараа. Но јас не сакав да работам како воспитувач бидејќи си имам своја струка, имам мои компетенции, јас сум од друг профил“, додава Елена.
Ограничувањата во легислативата причина за намалениот интерес кај младите за семејни студии
ММС и пред две години пишуваше дека легислативата ги ограничува семејнолозите при вклучувањето на пазарот на труд, а професорката Македонка Радуловиќ вели дека ситуацијата е непроменета и тоа придонесува бројот на запишани студенти од година во година да се намалува.
„Минатата година во септември остваривме соработка со министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска на која ни беше ветено дека Министерството ќе се заложи за решавање на овој проблем. Министерката потенцираше дека ваков кадар е навистина потребен во институциите за социјална заштита. Таа се согласи дека дипломираните студенти се обесправени и дискриминирани затоа што не се присутни во членот 197 од Законот за социјална заштита и не можат да се јавуваат на конкурси за вработување во Центрите за социјална работа. Меѓутоа, досега не е постигнат никаков напредок“, вели проф. Радуловиќ од Институтот за семејни студии при Филозофскиот факултет.
Според неа, на почетокот се запишувале по 90 студенти, а последните две години само по триесетина.
„На почетоците студентите беа одушевени што има ваква програма, кој ја гледале само на универзитетите во Америка, Австралија и Канада. Програма која претставува комбинација на повеќе општествени науки и кога тие се двоумеле што да одберат, семејните студии претставуваа вистинско решение. Сега голем дел од нив се обесхрабрени да се запишуваат поради постоечките околности“, додава Радуловиќ.
Токму поради околностите кои таа ги споменува, нејзината студентка Михајловска вели дека со нејзините колеги се чувствуваат разочарано. Михајловска вели дека кога би се вратило времето, не би ја донела истата одлука иако семејнологот е многу значаен како профил за едно општество.
„Оние пари коишто биле дел од заштедата на нашите родители и кои тие ги обезбедиле за да го завршиме факултетот, едноставно пропаднаа во вода. Ние сме биле и првенци на генерација, сме имале и висок просек, вреди нашиот профил, вредиме ние како индивидуи, се трудевме многу и желни бевме за да работиме, но ништо од тоа. Многу сме разочарани. Нашиот профил е мултидисциплинарен и во текот на нашето студирање се сретнавме со многу теми, проблематики во општеството“, посочува Елена.