МАКЕДОНИЈА: ДАЛИ ЕУ ЌЕ НИ ЈА ВОЗВРАТИ ЉУБОВТА?
Веќе не размислувам за тоа што било вчера. Наместо тоа, би сакал да знам кога европската иднина ќе пристигне во мојот двор. Пишува Сашко Насев, во 2007 година во списанието „Дипломат“ во КАНАДА како тогашен македонски амбасадор.
(реобјавен текст)
Според истражувањата на јавното мислење што ги спроведува Европската унија, повеќе од 84 отсто од граѓаните на Република Македонија сакаат да ја видат својата земја како полноправна членка на Унијата. 80 отсто сакаат мојата татковина да стане полноправна членка на НАТО.
Ако гледаме некоја симболика, на знамето на мојата земја има жолто сонце. А бидејќи сонцето е и ѕвезда, сметаме дека ѕвездата на Република Македонија убаво ќе се вклопи со 12-те ѕвезди на знамето на ЕУ. Во моментов, ЕУ има 27 членки, а три држави од Југоисточна Европа – Хрватска, Турција и Република Македонија – се држави кандидати за членство. Република Македонија е најнова на таа листа; таа застана во редот за чекање во декември 2005 година. Сепак, нашата соработка со ЕУ почнува многу порано, во 1992 година, кога именувавме дипломатски претставник во Брисел, а ЕУ ја отвори својата канцеларија во нашиот главен град Скопје.
Бевме првата држава во регионот што го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација во 2001 година. Договорот ја поставува правната рамка за билатералната соработка пред зачленувањето на државата во ЕУ. Договорот отвори редовен дијалог помеѓу Македонија и Европската унија.
Република Македонија, исто така, е вклучена во заедничките европски политики за надворешни работи и безбедност. Припадници на нашата армија и еден санитетски тим се дел од мисијата на ЕУ во Босна и Херцеговина. Дел сме и од мисијата во Афганистан, заедно со канадските единици и единици од други држави членки на ЕУ и НАТО. 126 наши војници во Кабул се построени под британска команда, а неколку лекари работат во чешката болница во Кабул. Како и повеќе други земји членки на ЕУ, Македонија е дел и од Франкофонијата и среќни сме што Канада, наш пријател од Франкофонијата, одлучи да го признае нашето уставно име во билатералната комуникација.
Целта на мојата држава е да ги исполни сите европски барања за функционална демоктарија и пазарно стопанство, и да ги исполни сите обврски за придружувањето до 2010 година. Сегашната влада и претседателот на државата имаат за цел да ја спроведат европската реформска агенда и да ги почнат преговорите за членство во 2008 година.
Сепак, за вистинка љубов не е доволна само една страна. Ние сме вљубени во ЕУ затоа што веруваме дека сме европјани. Ние сме граѓани на Европа, исти како и луѓето од сите држави на стариот континент. Оптимисти сме додека чекаме и се прашуваме дали Европската унија ќе ја возврати нашата љубов.
Република Македонија име нешто повеќе од два милиони жители. Таа е мала држава, со површина од околу 25,500 квадратни километри (околу четири пати поголема од Островот на принц Едвард, најмалата провинција во Канада). Сепак, на тој простор постои значителна етничка разновидност. На избори, гласачите можат да бираат да гласаат на некој од шестте јазици на кои се испечатени гласачките ливчиња.
Од 1992 година до сега, тие избираат коалициски влади, и секоја од тие влади вклучуваше една од партиите на етничките Албанци. Граѓаните се мошне горди на нашето мултикултурно општество, а по потпишувањето на рамковниот договор во 2001 година од страна на најголемите политички партии, со помош на ЕУ и САД, Република Македонија стана една најфункционалните мултиетнички демократии во Југоисточна Европа.
Нашата посветеност на европскиот културен и спортски простор е цврста и моите сонародници ги почитуваат основните вредности на ЕУ – слободата, безбедноста и правдата. Слободата на говорот, човековите права и владеењето на правото се основата на новата македонска демократија од 8 септември 1991 година, денот кога државата организираше референдум за отцепување од поранешната југословенска федерација.
Безмалку сите млади момчиња и девојки ја знаат химната на ЕУ, Бетовеновата Ода на радоста. Го славиме 9 Мај од две причини – тоа е Ден на победата што го означува крајот на Втората светска војна во Европа, и истовремено на тој датум се одбележува и Денот на Европа. На тој ден, канцеларијата на ЕУ во Скопје ја доделува наградата на познати новинари за промоција на вредностите на ЕУ пред домашната публика.
Нашите граѓани чувствуваат емпатија, не само симпатии, за Европската унија. Конечно, се работи за начин на живот што им е познат на стотиците илјади граѓани на Европската унија што потекнуваат од Република Македонија.
Со Европа сме поврзани трговски – околу 63 отсто од нашиот увоз доаѓа од ЕУ, а околу 54 отсто од нашиот извоз оди во земијите на ЕУ. Најголемите странски инвестиции во нашето стопанство доаѓаат од Австрија, Грција, Германија, Унгарија, Словенија и Обединетото кралство.
Не сме најсиромашната земја што сака да стане членка на ЕУ, но не сме без предизвици на тој пат. Треба да се бориме и се бориме со корупцијата. На листата на корумпирани држави на Светската банка, Република Македонија напредуваше 21 место за само една година.
Исто така, преговорите и недоразбирањата помеѓу власта и опозицијата се разрешуваат преспоро. Сепак, се работи за болести што ги имаат сите млади демократии. Ние сме независна држава само 16 години, исто колку и некои други централно-европски држави што веќе се членки на ЕУ и на НАТО, додека ние остануваме само „драги роднини“.
Мојата држава има добар кредитен рејтинг кај меѓународните банки и одржува најдобра можна соработка со Меѓународниот монетарен фонд. Процесот на економски реформи е брз. Последниот извештај на Светската банка не рангира на четврто место помеѓу државите според спроведените реформи. Нашите даноци за бизнисот се меѓу најниските во Европа (во моментов даночната стапка изнесува 12 отсто, и ќе се намали за уште два процентни поени во 2009 година). Понатаму, очигледна е нашата посветеност на новите технологии и одржливиот развој. Информатичките технологии и услуги учествуваат со околу 60 отсто во нашиот БДП во последните неколку години. Водиме грижа за животната средина.
Веќе не размислувам за тоа што било вчера. Наместо тоа, би сакал да знам кога европската иднина ќе пристигне во мојот двор. Во книгата Европа во 12 лекции, Паскал Фонтен пишува дека „проширената Европска унија е дел од светот што брзо и радикално се менува, свет на кој му е потребно да најде нова стабилност“. Мојата држава може да ја приближи таа нова стабилност. Проектот на ЕУ ќе биде завршен со приемот на Република Македонија и другите држави од Западен Балкан.
Сонцето е ѕвезда, исто како и 12-те ѕвезди на знамето на ЕУ. Сонцето ни дава живот на сите нас што сме граѓани на европско тло.
Пишува: Сашко Насев ( текстот е пишуван во 2007 година, објавен во магазинот Дипломат. Насев тогаш е македонски амбасадор во Канада)