Потресна, но во исто време возбудлива приказна во емисијата „Стадион“ раскажа Вернер Стоилов – водач на спасувачкиот тим од Струмица за акцијата за спасување во Турција. Моментот на наоѓањето на жена, која успеала да го преживее земјотресот, како што вели Стоилов, ќе го паметат цел живот. Среќата дека не најдена жива, веднаш била заменета со тага, бидејќи до жената вклештена во парчиња мебел, неподвижно лежело нејзиното дете.
-Веднаш штом пристигнавме во Адијаман , близу до Сирија, град со 270.000 жители, населен со курдско население и бегалци од Сирија, тимот беше испратен во една десеткатница, која беше извиткана како палачинка. Бидејќи земјотресот бил во рани утрински часови, се претпоставуваше дека веројатно сите биле дома, а сега се затрупани. Петтиот ден беше пуштена механизација се ископа тунел. При пребарувањето, дојдовме до жената, која беше приклештена со парчиња мебел. До неа лежеше дете, за што таа не беше свесна. Дететето изгледаше неповредено, но беше починато, многу веројатно од глад и студ, раскажа Стоилов.
Возбудата била голема меѓу спасувачкиот тим, но неверојатен бил моментот кога ја изнеле надвор. Таму имало голема група на луѓе, роднини на жителите на зградата и со надеж го следеле работењето на спасувачите.
-Спасувачите ја стабилизираа жената и во моментот кога ја носевме надвор владееше тотална еуфорија. Роднини на останатите станари ја дочекаа исто како да е спасен некој нивен. Секој спасувач живее за да ваков настан, да најде жив човек под урнатините, сподели Стоилов.