Земјотресот што ги погоди Турција и Сирија на 6 февруари беше невидена катаклизма, најлоша во последните сто години, пишува Euronews.
Јужниот турски град Антакија и неговите жители се меѓу најтешко погодените. И некогаш бил важен трговски центар и трет по големина град во Римската империја. Но, разорните земјотреси не поштедија речиси ништо.
Касим Гундуз е еден од жителите на градот. Неговото семејство било уништено од катастрофата. “Мојата сопруга се вика Шефика, ја нареков гулум (роза). Викав: Шефика! Шефика! И ништо не слушнав. Бевме во брак 52 години”, рекол тој.
Касим за Euronews изјави дека сега најверојатно ги чека нејзините посмртни останки. Телото на неговиот син е извлечено од урнатините и е во пластична кеса. Целиот свет му се сруши.
„Помагам. Го извлеков телото на снаа ми, таа беше без глава“, вели неговиот сограѓанин Мехмет Елмачи. „Мојот девер и нивната мала ќерка се уште се под урнатините.
Антакија, или античка Антиохија, е основана во 300 п.н.е. и доживеала неколку катастрофи низ историјата. Неколку пати била уништена и обновувана.
Но, кога земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала го погоди регионот, сите беа затекнати. Помошта полека пристигнуваше во првите денови по трагедијата.
Мехмет успеал да се спаси, но не се сеќава како излегол од урнатините. Тој рече дека поради земјотресот морал да спие во својот автомобил со сопругата и седуммесечниот син.
Без струја, вода и тоалети, преживеаните се изложени на голем ризик. Заразните болести како шуга и колера брзо се шират, а секој ден се случуваат последователни потреси.
Во првите неколку часа по земјотресот, урнатините ги пребаруваа само оние кои преживеале, шокирани, повредени и без никакво искуство во тоа. Потоа дошле волонтерите. Ердем, градежник од Истанбул, веднаш се упатил кон Антакија штом слушнал за земјотресите.
„Се обидов да го направам тоа што требаше. Успеав да спасам една мајка. Успеав да спасам и едно момче и неговата постара сестра“, рекол Ердем, жалејќи се што не спасил повеќе од нив.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека земјата не можела да се подготви за таква трагедија. Но, не сите во Антакија се согласуваат со тоа.
„Првиот ден кога дојдовме овде, сакавме да дупчиме, но не најдовме генератор или пневматска дупчалка. Тука немаше агенција за итни случаи или службеник“, рече жителот на Антакија, Ибрахим Халил.
„Вториот ден пристигнаа машини. Тие луѓе ми рекоа дека не можат веднаш да работат затоа што морале да добијат наредба од „горе“. И тоа го чекаа. Работата не е организирана ниту се работи како што треба. Ниту еден професионален човек не дојде овде“, додаде тој.
Главните гробишта во Антакија го откриваат вистинскиот обем на катастрофата. Нема доволно простор за погребување на мртвите, па властите одлучија да ископаат масовна гробница во предградието на градот. Се земаат примероци од ДНК од неидентификувани тела за еден ден семејствата на соодветен начин да се простат од своите најблиски.
Потрагата по преживеани траеше многу подолго од она што се смета за можна временска рамка за преживување. И имаше преживеани во урнатините. Меѓу нив е и Фатма, 25-годишна бегалка од Сирија. Избегајќи од ужасите на војната во својата татковина, таа преживеала под урнатините 140 часа. Сега таа доби нова можност, како и целиот град, за нов живот, пренесува Индекс.хр.