„Додека чекав на ред во банка, видов текст објавен на некој портал и искоментирав. Еден месец подоцна добив известување дека сум даден на суд“.
Ова неодамна го сподели со нас штипјанец, кој добил условна осуда. Беше непријатно изненаден. Дополни дека не знаел дека за таков коментар може да биде осуден, ниту го знаел делото за кое е осуден.
Кривичното дело е „„ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“,казниво по член 394 – г од Кривичниот законик, врз основа на кое, во текот на 2022 година изречени се седум пресуди во Основниот суд во Штип.
Сите се однесуваат на напишано на Фејсбук, а пријавата по службена должност jа поднеле Министерството за внатрешни работи или Јавното обвинителство. Изречени се условни пресуди, односно три месеци затвор со замена на една година условна осуда.
-Предметите се завршени со казнен налог и без судење и присуство на тужениот. Во случај по приемот на известувањето, доколку граѓанинот приговара, се закажува судење и понатаму тече постапката, објасни Ѓорѓи Андонов, претседател на Основниот суд од Штип.
Осудениот, покрај условната казна треба да плати паушал од 3000 денари.
Како што објасни претседателот Андонов, напишаните коментари, кои се предмет на казнениот налог, главно се однесуваат на одредена етничка и други маргинализирани групи. Осудените се на возраст од 40-60 години.
Делото е воведено во Кривичниот законик во 2010 година, но подоследно почна да се спроведува последните две години. Делото ги инкриминира дејствијата на ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски системи и притоа.
Предвидената казна е затвор од една до пет години, потешка казна од една до десет години за квалифицираниот облик, а доколку делото е извршено со злоупотреба на положбата или овластувањето или дошло до безредие и насилство или имотна штета од големи размери.
Во штипскиот Основен суд особено зачестија и предметите во кои граѓани гризнати од кучиња тужат за нанесена штета. Тужени се сопственици на кучиња или доколку се работи за кучиња скитници, оштета плаќаат Општината Штип и ветеринарната станица, која го добила тендерот за грижа за кучињата на улица. Овие предмети речиси секојдневно се среќаваат во полицискиот билтен.
Според објаснувањето на судиите, се досудува парична казна, која е различна во зависност од нанесената штета.
(В.К.)