Платформата за родова еднаквост денеска преку писмено соопштение изрази сочувство до семејството на пациентката од Прилеп, која почина по извршена киретажа во болницата во овој град.
Платформата најостро реагира на негрижата на државата и здравствените институции при груба повреда на човековите права и на флагрантно кршење на законите во државата како директна причина за настанатата смрт.
-Имено, според информацијата пласирана во јавноста, постојат индикации за кршење на законите во однос на обезбедување соодветни санитарно-хигиенски услови во здравствена установа, отсуство на примена на соодветни хигиенски мерки чија директна последица е смрт кај пациентката. Ова укажува на сторено тешко кривично дело против здравјето на луѓето, што за жал се повторува повеќе пати изминатиот период во нашата држава – се вели во денешното соопштение потпишано од 28 граѓански организации.
-Пациентката после изведена киретажа во Прилепската болница била испратена на домашно лекување, за веќе следниот ден да се врати со сериозно влошена состојба и после препраќањето на Инфективната клиника во Скопје да настапи смрт. Ова било причина да се затворат операционите сали во Прилепската болница и да се испратат брисеви на испитување. Она што сериозно загрижува и не смее да помине без одговорност, е сомнежот за присуство на многу ретка и опасна интрахоспитална бактерија во здравствената установа – додаваат од Платформата.
Иако, според известувањето од болницата, е започната процедура за проверка на присуство на интрахоспитална бактерија, немаше официјално известување од Министерството за здравство, ниту информација за постапување на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Според организациите, овој случај е, за жал, кулминација на континуираното известување во врска со лошите болнички услови и немањето пристап до квалитетни услуги и грижа за сексуално и репродуктивно здравје во нашата држава.
Неодамна веќе реагиравме за случајот со Јелдз Веапоска, во кој, шокантна беше објавената констатација дека не постои лекарски пропуст или грешка кај гинекологот Мухамед Асани, кој и натаму е директор на струшката болница и сопственик на нерегистрирана гинеколошка ординација – велат од Платформата за родова еднаквост.
Имајќи го предвид сето ова, Платформата за родова еднаквост бара под итно:
- Целосна транспарентност и објавување на резултатите од испитувањето на бактериолошката состојба на просториите во болницата во Прилеп;
- Министерството за здравство да излезе со соопштение и да превземе одговорност во врска со случајот и во врска со санитарно-хигиенските услови во здравствените установи државата;
- Државниот санитарен и здравствен инспекторат да изврши инспекциски надзор и да ја извести јавноста за резултатите.