Кога Бог ќе реши да направи чудо, тогаш чудото ќе се случи.
Ова многу пати досега е докажано, а низ чудо, по сите здравствени проблеми кои ги имала поминала и Кристина Алексова од Скопје. Некои од лекарите и рекле да не се надева дека ќе стане мајка, но други ѝ помогнале и покрај тешкотиите да го надмине проблемот и го роди, како што вели, малото чудо Лазар. Борбата на Лазар за да преживее траела 85 дена и сега после се лошото е зад нив, а мама Кристина и малиот Лазар веќе се гушкаат дома. Конечно во семејството Алексови на радоста ѝ нема крај.
А се почнало кога на Кристина, кога имала само 26 години ѝ откриле дека има ЦИН3 на матката, поради што совет од еден лекар било дека целата матка итно треба да се отстрани.
-Бев очајна, но решив да се обратам и на друг лекар и целата моја среќа беше што се обратив на д-р Горан Димитров од ГАК. Да не беше тој мене денес матката ќе ми беше извадена и никогаш немаше да станам мајка и да си гушнам дете, како што сега го гушкам лазар. Д-р Димитров, чија добрина и стручност нема да ги заборавам додека сум жива, го отстранил само глото на матката. Не можам да опишам колку бев среќна кога ми го кажа тоа и кога ми рече дека- да тешко е да станеш мајка, но не е невозможно. И еве сега по осум години од операцијата јас го имам Лазар, вели мама Кристина.
Пред да се омажи таа на сопругот му кажала со каков проблем се соочувала и затоа поради големата желба за да се остварат како родители решиле да направат ин витро.
-Во приватна болница направив ин витро и успеав од првпат. Бев бремена со близначиња, но за жал ги загубив и двете. И додека се мислев за ново вештачко оплодување сосема случајно открив дека јас сум останала бремена по природен пат. Среќа, радост, исчекување и страв. Сето тоа ми беше помешано. Како ќе биде, што ќе се случи. Но, беше чудо и што останав бремена, затоа никогаш не ме напушти мислата дека после се’, се’ ќе биде во ред, додава таа.
Токму поради тие проблеми Лазар во 26тата недела од бременоста решил да се роди. Нова паника и стрес за Кристина, но и нова надеж. Се’ ќе биде во ред, си велела постојано таа.
-Лазар се роди во 27 недела и три дена. Мене во 26-тата недела и четири дена ми пукна водењакот, не можеше да издржи повеќе бременоста. Лазар се роди со царски и имаше само 820 грама. На Клиника остана 85 дена, кои беа премногу за нас, меѓутоа во тие денови имаше и нервози, но и убави денови. Се роди на деветти ноември, а од болница излеговме на втори овој месец, на денот кога требаше нормално да се роди, вели мама Кристина и додава:
-Во тие денови никогаш не ме напушти мислата дека Лазар нема да издржи иако лекарите ми велеа: „Стабилно е мајка, но не се надевај многу“. Реално и тие не можеа да гарантираат и многу подобри деца од Лазар можеше да се случи да ги изгубат. Секако дека тие знаат подобро од мене, имаат секакви случаеви што ги гледаат секој ден. Јас само молчев и верував во ова чудо дека ќе биде живо и здраво и ќе ги надмине проблемите. Да, имав резерва, но Лазар е Божја работа и знаев дека ќе трае. Лазар е херој на мама и тато. Навистина никогаш не ме напушти надежта. Лазар не прекина да мрда, од 12та недела од бременоста. Затоа знаев дека ќе издржи. А таков е и сега, не застанува, вели Кристина.
Во знак на благодарност за целата пожртвуваност и професионалност на лекарите од ГАК тие решиле да направат нешто во името на Лазар што ќе им се најде на другите дечиња.
-Мојот сопруг е прекрасен човек. Работи дрвени изработки и додека Лазар беше во болница посакавме да направиме колевка за другарчињата во болница за побрзо да се гушкаат со мама и тато. Ја направи лулашката и кога дојдовме да си го земеме Лазар ја донесовме и ја подаривме за другите дечиња, за другарчињата на Лазар, кои се уште не се излезени од болница, вели таа.
Ова што Кристина го доживеала, односно она низ што поминала таа за да се оствари како мајка, го поминуваат и многу други жени. Многу од нив издржуваат до крај, но многу се откажуваат, односно ги напушта надежта. Затоа Кристина упати порака до сите идни мајки:
-Никогаш не треба да се откажуваат, без оглед со какви искушенија се соочуваат. Планината е тешка да се искачи, но симнувањето е многу лесно. Да не слушаат еден лекар, туку секогаш да бараат друго мислење, макар и трето. И да се извлече убавиот крај. За дете вреди да се борат сите. Јас додека Лазар беше во болница бев дома. Тоа беа денови долги и тешки и стресни. Првиот ден кога се роди, кога го гушнав плачев и мислам дека тој ја почувствува мојата нервоза. Тоа е навистина чудо. Деновите дома ми беа пеколни и долги. Едвај чекав да дојде вторник и четврток за посета, а идевме и други денови. Едноставно сакавме да се шмугнеме да го видиме. И минута и пет минути со него за нас беа многу. Ме пуштаа да влезам и внатре, еднаш ми го дадоа да го земам во раце. Јас бев во шок од радост. Во тие 85 дена само еднаш го земав во раце да го гушнам и затоа сега нон стоп ми е во раце и се гушкаме. И втор пат да ми се случи, повторно би го одела овој пат зошто сум убедена дека ќе биде се добро. Господ е голем, со сопругот веруваме во Господ и ете ни се случи чудо. Истиот пат би го поминала пак, вели среќно Кристина.
Кога ќе се помине низ маките, секоја мајка по породување вели- нека е живо и здраво, доста е. Така велела и Кристина, но откако се заврши со среќен крај, таа го сменила мислењето.
– Првиот ден кога го родив си реков нека е жив и здрав, не би сакала да имам уште едно вака да се мачи. Но сега, не би сакала да го оставам сам, без брат или сестра. Ако може и три. Но, со консултација со доктор Јованова од ГАК, бидејќи е прекрасна. Лазар во средата имаше 2.100 килограми, си пие млекце, и јаде, му давам витамини и се’ е супер. Затоа им давам поддршка на сите родители и ги советувам никогаш да не се откажуваат. Можеби патот е трнлив, но на крајот среќата е голема, ни рече Кристина.
Весна Миленковска