Дојавите за бомби се најголемиот општествено-безбедносен предизвик на нашата држава по нејзиното осамостојување, имајќи предвид дека актуелните безбедносни ризици и закани кои доаѓаат од лажните дојави за бомби низ училиштата предизвикуваат страв и паника кај населението, особено кај помладата популација, оценува проф. д-р Марјан Ѓуровски од Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет во Скопје.
Откако денеска предупредувања за бомби пристигнаа на електронските адреси на 14 училишта во Скопје, Ѓуровски нагласи дека основната цел на овие дојави е да се шири страв меѓу населението, а со тоа да се поттикне недоверба кон институциите и нивната функциналност.
„Не смееме како општество да седиме со скрстени раце и само да вршиме проверка на дојавите, физички да ги изнесуваме учениците и потоа да ги враќаме назад. Овој проблем има два аспекта – безбедносен и образовен. Како универзитетски професор, но и како родител сметам дека е време македонската држава да ги разгледа сите варијации и опции за потенцијално поголем дел од наставниот процес да се врати на електронското учење“, смета професорот.
Бомбите ќе го доведат во прашање пренесувањето на знаење кај учениците
Според него, ако истата оваа динамика продолжи во периодот кој следува сериозно ќе биде доведен во прашање начинот на пренесување на знаењето и проверката кај учениците.
„Треба да се разговара кај надлежните во МОН и сите други во овој сектор да изнајдат комбиниран механизам за начин на изучување и проверка на знаењата бидејќи знаењето сериозно ќе биде доведено во прашање ако вака имаме недостаток во образовниот процес“, порачува Ѓуровски.
Според него, важно е учениците и студентите да ги познаваат сите типови на безбедносни ризици и закани од природен карактер, но и вакви хибридни закани. Затоа, вели тој, неопходно е во основното и во средното образование како посебен предмет да се воведе безбедносната писменост и безбедносната култура во следниот период.
„Најважно е кога ќе дојде лажната дојава за бомба како тие ќе реагираат. Стравот се собира особено кај помладата популација и при излегувањето од училиштето треба да не дојде до физичка повреда. Воедно треба да се преземат мерки во делот на зглемување на физичкото обезбедување на училиштата за време на 24 часа. Тоа не е гаранција дека нема некој да се јави, но дополнително ќе го осигура процесот на проверки согласно протоколот на МВР“, додава Ѓуровски.
Подобра екипираност во МВР за побрза проверка на училиштата
Тој апелира дека треба да се доекипира секторот од МВР во делот на антитероризмот и проверката на училиштата, бидејќи има одредени ставови дека поради малубројноста на екипите за антитероризам, проверката на училиштата оди бавно.
„Треба да се работи на превенцијата и децата да бидат подготовени бидејќи тој страв дополнително им влијание на менталното здравје“, додава Ѓуровски.
Тој потсетува дека сите досегашни дојави за бомби се лажни и со исклучок на едно јавување кое е телефонско, сите се по електронски пат.
„Со исклучок на две-три ип адреси кои се лоцирани на територијата на Македонија, сите останати дојави доаѓаат надвор од територијата на Македонија. Мал дел од електронските пораки доаѓаат и од Црна Гора и од Хрватска. Верувам дека безбедносниот систем ги презема сите неопходни мерки на координација и размена на информации и во делот на тоа дали може веднаш да се лоцираат адресите надвор од територијата е прашање кое треба да го одговорат колегите од информатичка безбедност. Но треба да го подготвиме населението дека овој елемент може да потрае подолго“, предупредува Ѓуровски.
Професорот вели дека не би лицитирал дали зад ова доаѓа поединец, организирана група или држава бидејќи ако немаме јасно лоцирано место и поединец кој стои зад лажните дојави за бомби, па би било несериозно да лицитираме дали е тоа Русија, Кина или некоја од соседните држави. Сепак, дојавите за бомби тој ги поврзува со последиците од актуелната војна меѓу Русија и Украина додавајќи дека вакви случаи имало и во Србија и во Црна Гора.
Професорот укажува дека безбедносните служби треба да се координират на подобро ниво, но и да се подобри превенцијата и да се работи со децата. Според него, дојавите за бомби се сериозен безбедносен и политички проблем, поради што сите политички групации треба да бидат поинтензивни во обезбедувањето на објектите.
„Несериозно е да шпекулираме, треба сериозно да пристапиме кон ова прашање. Пораките се скоро со идентична содржина, напишани на лош македонски јазик со анархистички карактер во кој се повикува на насилство во државата, а вториот тип на пораките е ширење недоверба кон државата и целта е парализа на македонскиот безбедносен систем“, заклучува професорот.
Одговарајќи на новинарско прашање дали овие дојави би можеле да се претворат во вистинска закана, тој посочува дека е несериозно да се лицитира со тоа дали може или не да биде поставена бомба.
„Треба да ги заштитуваме објектите и да се зголеми нивото на обезбедување, да се врши проверка на учениците затоа што ваков тип на лажни дојави имаме често на меѓународните аеродроми и замислете тие да го блокираат целиот процес еден до два дена. Треба да бидеме поефикасни во функционалноста. Механизмот на НАТО Алијансата не може реално многу да ни помогне, евентуално некоја од земјите членки на НАТО да ни помогне со софистицирани електронски алатки да лоцираме каде се наоѓаат“, вели професорот.
Тој нагласува и дека дали ќе потраат или ќе завршат овие лажни дојави зависи од текот на меѓународните и глобалните случувања и дали и кога ќе заврши руско-украинската војна.
„Веројатно зад ова стои организирана група, но дали се работи за држава или меѓународна организација која не го признава меѓународниот поредок, останува да видиме понатаму“, додава тој.
Прашан дали е загрижувачко тоа што немаме расветлени случаи, освен оној со приведениот малолетник за кој МВР откри дека е испраќач на дел од пораките, професорот кусо порача дека треба да бидеме трпеливи и да се работи со населението.
„Политички калкулации, добивање на политички поени може дополнително да ја зголеми недовербата во институциите“, заклучи Ѓуровски во изјавата за медиумите дадена во пресрет на трибината на тема „Безбедноста во училиштата – градење механизми на превенција од ризици и рано предупредување“ на која покрај него, учествуваа уште тројца професори од УКИМ.
В. Ми