Драматични сцени како на филм за шпанската корида се случувале завчера попладне во делчевското село Град.
Извори на ММС информираат дека двајца сопружници биле нападнати од бик на соседот додека работеле во овоштарникот. Бикот бил толку збеснат што преплашени успеале да се качат на дрвјата и така спасиле жива глава.
Бикот беснеел по овоштарникот, ги тресел дрвјата на кои се качиле сопружниците, а го оштетил нивното возило.
Во целиот хаос, страв и паника, двајцата луѓе успеале да повикаат пријател да им помогне. Дошла и полиција, па го повикале и сопственикот, кој успеал некако да го смири бикот. На сопственикот ќе му биде поднесена кривична пријава за делото „предизвикување општа опасност“.
Настанот за ММС го потврдија и од СВР Штип.
Од СВР Штип информираа дека во понеделникот во 15.20 часот во СВР Штип било пријавено дека во нива на место викано „Низамски ниви“ во с.Град, делчевско, С.С. и неговата сопруга Ј.С. биле нападнати од бик, сопственост на соселанецот М.С., при што биле направени оштетувања на овоштарникот и на нивното возило.
-Во Полициската станица Делчево на службен разговор бил повикан сопственикот М.С., а увид на местото извршила увидна екипа на ОВР Делчево. Се работи на комплетирање на случајот, по што против М.С. ќе биде поднесена соодветна пријава, соопшти полицијата.
Инцидентите со разбеснат бик не се невообичаен случај, иако, за среќа, се ретки во полициските билтени.
Во август 2021 година во месноста „Плуждино“ во Штип почина 73-годишен сточар, откако беше нападнат од бик од неговото стадо.
Според ветеринарите, не секој бик може да пројави агресивност. Бикот станува опасен кога се вознемирува, возбуди или едноставно има таков карактер. Може да се случи од 20 бикови, само еден да пројави агресивност и тогаш е опасен за луѓето и воопшто за околината.
(В.К.)