На сцената на Народниот театар „Иван Вазов” во Софија вчера настапи македонската артистка од Драмски театар во Скопје, Билјана Пројковска. Таа беше дел од претставата „Животот е прекрасен” во режија на Александар Морфов.
Со својата исклучителна дарба и чувство за хумор Пројковска беше бурно поздравена од преполниот салон и неколку пати со аплаузи на отворена сцена. Како што појаснуваат во соопштение од театарот, во исклучителна атмосфера, оваа претстава на познатиот режисер Морфов ја потврди големата уметничка вредност на драмата на Николај Ердман и одличниот актерски ансамбл на НТ „Иван Вазов” предводен од големата актерска звезда на бугарското глумиште Камен Донев.