Стресот од паднатиот систем на Фондот за здравствено осигурување му ја влошил здравствената состојба на раководителот на ИТ секторот во оваа институција. Директорката на ФЗО, Магдалена Филиповска Грашкоска денеска за првпат се појави во јавност по хаваријата која беше предизвикана од хакерскиот напад и во повеќе наврати нагласи дека таа не е стручно ИТ лице, но на средбата со новинарите немаше експерт од оваа област.
Додека се чекаат деталите од истрагата на надлежните која треба да покаже кој е одговорен за падот на системот на ФЗО, директорката денеска се пофали дека од првиот момент кога влегла во институцијата дава максимални напори за да се обезбеди што е можно подобра услуга за граѓаните.
Таа немаше коментар за својот колега, вториот директор на ФЗО, Фатон Ахмети кој и покрај хакерскиот напад реши да не го прекине својот годишен одмор и да одмора во Америка.
„Колегата користи годишен одмор со решение уште пред да се случи нападот. Тој е информиран, известен е и за брифингот. Би било непрофесионално јас да коментирам во негово име, колегата беше известен за целата ситуација и за денешниот брифинг, но тој е со решение на одмор“, рече Филиповска Грашкоска.
Во однос на тоа кој е виновен и на кого всушност му се случи ваквиот напад, таа рече дека тоа ќе го покаже истрагата додавајќи дека се работи за комлексен случај и треба да се истражи од сите аспекти.
„Мислам дека би било избрзано и непрофесионално да посочам со прст кон некој сега во моментот, затоа што треба стручни лица и истражни органи да го проверат ова и да кажат каде е пропустот. Ако е пропустот во човек, човек ќе одговара. Ако е во системот ќе се преземат дополнителни мерки“, нагласи Филиповска Грашкоска.
В. Ми